Унгарија му дозволила на Груевски да побара азил од безбедносни причини

Кабинетот на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан попладнево испрати соопштение до медиумите во кое се вели дека властите дозволиле Никола Груевски да поднесе барање за азил.

Тој бил и сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта бидејќи тоа е законско прашање.

„Никола Груевски поднесе барање за азил кај соодветната служба во Унгарија. Со оглед на фактот дека тој беше премиер на Македонија 10 години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на г. Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, која ќе ја спроведе процедурата во согласност со унгарските и со меѓународните закони“, стои во дописот на унгарската влада.

Оттаму велат дека Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија. Според нив, добрата соработка меѓу двете земји е важен темелник за развој на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.