Транспаренси Интернешнл: Унгарските власти да го екстрадираат Груевски

Транспаренси Интернешнл и нејзините ограноци во Македонија и Унгарија денеска испратија заедничка изјава со која ги повикуваат унгарските власти да ја исполнат својата посветеност на меѓународната правда и да го екстрадираат Никола Груевски со цел, како ѓто наведуваат, поранешниот македонски премиер да се соочи со правдата за своите корумпирани дела.

Според директорката на Транспаренси Интернешнл Патриша Мореира, и Македонија и Унгарија треба да постапат во согласност со владеењето на правото, а Груевски мора да покаже одговорност пред граѓаните на Македонија за неговите корумпирани дела додека беше премиер. На ниту еден политичар не треба да му биде дозволено да се извлече од обвиненијата за корупција, особено откако судовите јасно одлучиле во корист на пресудата.

-Унгарските власти треба да постапат според европските и меѓународните судски прописи и стандарди. Откако еден политичар ќе биде осуден од независен суд, ниту една од владите не треба да им обезбеди план за бегство и неказнивост, вели извршниот директор на Транспаренси Интернешнл-Унгарија, Јозеф Петер Мартин.

Претседателката на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева, оценува дека оваа ситуација е голем тест за македонските и унгарските власти и треба да се реши во согласност со унгарскиот закон.

-Ги повикуваме унгарските власти да се придржуваат до принципот за немање неказнивост, како што е наведено во Европската конвенција за екстрадиција, наведува Тасева во изјавата.

По издавањето меѓународна потерница за апсење на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, Трансперенси Интернешнл и ограноците во Македонија и Унгарија, ги повикуваат унгарските власти да го екстрадираат Груевски од Унгарија, каде што тој моментално бара азил во обид да избегне затворање по осуда за корупција за која не постои основ за жалба.