Тортевски: Ако Игор Југ не добие амнестија се нудам доброволно да го застапувам

Адвокатот Александар Тортевски на својот профил на „Твитер“ се понуди бесплатно да го застапува обвинетиот Игор Југ пред судот, ако не добие амнестија.

„Ако Игор Југ не добие амнестија доброволно се јавувам да го бранам про боно“, напиша Тортевски.

Тој смета дека обвинетиот Игор Југ има повеќе право да добие амнестија од пратениците, бидејќи не ја извршил задачата што организаторите му ја доделиле.

Во тек е рокот за поднесување барање за амнестирање за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, откако Законот за амнестија беше објавен во Службен весник.

Оние кои се товарат за настаните од 27 април имаат рок од пет дена од објавувањето на Законот во Службен весник да побараат амнестија, доколку сметаат дека ги исполнуваат пропишаните законски услови. Тие ќе мораат сами да побараат амнестија, а Судот и Обвинителството ќе треба исто така во рок од пет дена за одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Македонското Собрание на 18 овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година.