Томислав Тунтев: Ни недостига подобра координација со Талат Џафери

Пратеничката група на СДСМ предложи измена на два закона во насока на намалување на патните трошоци за пратениците. Дали со овие решенија ќе се намалат позначително средствата од буџетот за оваа намена или треба да се бараат и алтернативи за секојдневните патувања на пратениците од внатрешноста?
– Доколку бидат усвоени решенијата што ги предложи пратеничката група на СДСМ, очекувам оваа сума да се преполови. Да потсетам, ние предлагаме надоместокот за пратениците да се намали од 30 на 15 проценти од цената на литар гориво за изминат километар. Не можам и не сакам да тврдам дека овој предлог е идеален и дека ова решение треба да биде конечно. Но, според она што го знам, овој предлог, односно предложените законски измени од пратеничката група на СДСМ во моментов се единствена конкретна иницијатива во Собранието во насока на решавање на ова прашање. На овие предлог-закони можеме да гледаме и како на краткорочни решенија, чија задача ќе биде значително да се намалат трошоците од буџетот. Но, истовремено, како пратеничка група сме подготвени да разговараме буквално за сите можни алтернативи и евентуални предлози на другите пратенички групи кои ќе обезбедат и помалку трошоци, но истовремено и ефикасност во работата на Собранието.

Очекувате ли поддршка од опозицијата?
– Досега немам никаква информација каков е нивниот став за нашите предлози ниту, пак, за тоа дали според нив има потреба или не да се интервенира во регулативата што се однесува на надоместокот за патни трошоци. Јас како координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата од крајот на јули минатата година со конкретни предлози и идеи континуирано се обидував да ги поттикнам останатите координатори на пратеничките групи заеднички да работиме на овој процес, заеднички да дојдеме до најдоброто решение. Но, за жал, другите пратенички групи не покажаа желба да учествуваат во анализата и подготовката на предлозите.

Со предлогот за намалување на патните трошоци воведувате дополнителни мерки за спречување на злоупотребите при наплатата на овој надоместок, преку задолжително плаќање на патарините со кредитни или дебитни картички во сопственост на пратениците. Дали ова може да се толкува како признание дека навистина постојат такви злоупотреби?
– Јас како пратеник ниту имам надлежност ниту сум во позиција да тврдам дали некои пратеници правеле злоупотреби или не. Нашиот предлог за дополнително прецизирање на начинот на исплата на патните трошоци, поконкретно за плаќањето на патарините со кредитна или дебитна картичка, е во насока да се отстранат сите сомнежи за злоупотреби, а факт е дека такви сомнежи во јавноста има. Нашата намера е искрена и единствено со цел конечно да се интервенира во одредби кои се стари неколку децении. Токму затоа оваа иницијатива е едногласно поддржана од цела пратеничка група.

Последните неколку седмици има проблеми со обезбедувањето кворум за донесување битни закони. Како планирате да превенирате такви ситуации во иднина, кои создаваат впечаток за нестабилно и тенко мнозинство во парламентот?
– И покрај евидентниот однос на силите во Собранието, сепак проблеми со кворумот, односно со парламентарното мнозинство немаме. Напротив, последниве месеци се зголемува бројот на пратениците што учествуваат во работата на пленарните и комисиските седници, независно од фактот што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е надвор од Собранието. Кворум за работа можеме да обезбедиме кога е тоа потребно, а тоа се покажа и на последните седници.
Непосакувани ситуации со кворумот се случуваат само кога нема доволна координација меѓу претседателот на Собранието и пратеничките групи, во контекст на обврските што пратениците ги имаат надвор од пленарната сала. Имено, пратениците во својот работен распоред имаат секојдневни службени активности – учество во работата на работни тела, комитети и делегации во Собранието, средби со граѓани, состаноци со дипломати и со претставници на невладини организации и граѓански здруженија, учество на разни домашни и меѓународни манифестации, конференции, обуки, посети… Од тие причини, неопходна е подобра меѓусебна координација, предвидливост на обврските и активностите и однапред планирање на пленарните седници.

Каква ви е соработката со опозицијата, која од една страна учествува во работните групи за донесување на реформските закони, а од друга страна упорно го продолжува бојкотот на парламентот. И дали би го поддржале законот за амнестија на осомничените за настаните на 27 април што го најави ВМРО-ДПМНЕ?
– Редовна комуникација со опозицијата на ниво на пратеничка група, односно на ниво на координатори постои, особено во делот на потребата од заедничка соработка врз реформските приоритети, кои се во контекст на забрзување на интегративниот процес на Македонија во ЕУ и во НАТО, што верувам дека ни е заедничка цел. Но тоа, според мене, не може да биде замена за нивното отсуство од работата на Собранието. Искрено жалам што опозицијата одлучи, на некој начин, да ја бојкотира работата на Собранието поради причини што не се во надлежност на парламентот.
Во однос на најавениот закон за амнестија, во овој момент не можам да соопштам став кога таков предлог воопшто не е доставен ниту, пак, знаеме што еден таков законски предлог би содржел. Јас повторно ги повикувам опозициските пратеници да се вклучат во работата на Собранието – и на пленарните седници и на седниците на работните тела. Само на тој начин ќе можат да го артикулираат својот став во однос на сите актуелни прашања, за што впрочем и добиле поддршка од гласачите, но и да дадат конкретен придонес во подготовката на законските решенија. Несомнена заложба и интенција на сите релевантни чинители во нашата држава треба да биде владеење на правото и правната држава, и поради тоа сите заедно треба посветено и доследно да работиме на обезбедување на услови за тоа.

Кон крајот на месецов, според најавите, во Париз треба да се одржи дијалогот „Жан Моне“, каде што треба да се дебатира за собраниските процедури и за Деловникот на парламентот. Ќе учествувате ли на овој состанок и какви ефекти очекувате од таа иницијатива?
– Ние ги поздравуваме сите иницијативи што доаѓаат од меѓународните организации и државите, што се потврдени и докажани пријатели на Македонија. За нас како пратеничка група прифатливи се сите форми на комуникација и дијалог што можат да придонесат за подобрување на работата на Собранието. Секако, сите одлуки и решенија ќе се носат тука, во Собранието. Меѓутоа, ако одредена иницирана формална или неформална средба, значи унапредување на политичкиот дијалог, конструктивна соработка, забрзување на реформските процеси, и сето тоа во контекст на создавање ефикасен парламент според европски стандарди, тогаш за нас е прифатлива секоја иницијатива за дијалог и соработка.

Александра М. Митевска