Тимотеј: Треба да продолжат разговорите меѓу МПЦ-ОА и БПЦ

Светиот архиерејски синод на Македонската правосалвна црква-Охридска архиепископија го прифати извештајот од почнатите разговори на црковните комисии на МПЦ и на Бугарската православна црква и донесе став разговорите меѓу двете црковни комисии да продолжат, изјави денеска портпаролот на Синодот, г.Тимотеј по синодската седница која се одржа денеска и на која беа разгледани повеќе актуелни прашања од црковниот живот на МПЦ-ОА.

Тој посочи дека САС на МПЦ покрај другото ги афирмира своите досегашни непроменети ставови и уште еднаш апелира до државните фактори и институции да го зачуваат Уставот на Република Македонија: да не се менува уставното име на Република Македонија, да не се менува уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет.

Со овој став на САС, додаде, целосно ги поддржуваат правата на останатите етнички заедници согласно Уставот на РМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што стои во Извештајот од седницата на првата комисија меѓу МПЦ и Бугарската православна црква и дали има некакви индиции што вчера во изјава ги кажа владиката Петар дека требало да биде јасно разграничено дека истоветноста на црквите не значи дека сме исти држави, ист народ и ист јазик со Бугарите и дека требало тука да се прецизираат, рече дека никој од архиреите на МПЦ никогаш не го поставувал како прашање, ниту пак може да го поставува како прашање дека сме посебен народ, дека посебна држава и посебен јазик.

Така што, посочи г. Тимотеј, доколку некој има во глава такви размислувања или дилеми тоа е негов проблем, меѓутоа кај никој од архиереите, не само архиереите, туку сметам кон целокупното свештенство и монаштво нема такви размислувања.

Во врска со тоа дали Бугарската православна црква и официјално ја има известено Цариградската патријаршија за ова барање од МПЦ, истакна дека тие на 7 јануари патуваат за Цариград по повод отворање односно реконструкција или реновирање на нивната катедрала од периодот уште на егзархија Свети Стефан и смета дека тогаш и ќе разговараат.

– Претпоставувам дека и ќе бидат информирани. Од разговорот што го имавме тие ни кажаа дека се запознаени, меѓутоа колку се запознаени во овој момент не можам да зборува во нивно име, рече г.Тимотеј.

Додаде дека следната средба се очекува во текот на јануари.

– А барање е автокефалност на МПЦ. Тоа е основната цел, рече г.Тимотеј.

Во врска со српските ставови појасни дека тие 50 години ги слушаат.
– Во една моја претходна изјава имав кажано дека не се само тие играчи во православниот свет, додаде г.Тимотеј.