Тигрестиот комарец што пренесува зика се појави и кај нас

Во Македонија има азиски тигрест комарец, кој ги пренесува вирусите зика, западнонилската треска и денга, но случаи на овие болести кај нас нема. Комарецот бил регистриран во Скопје и во југоисточниот дел од земјава, во околината на Богданци и Дојран. Во моментов нема опасност од него бидејќи временските услови не му дозволуваат да се развива. Сепак, општините ќе мора подготвено да ја дочекаат пролетта и да направат дезинфицирање на поголеми области каде што има големи и мали водени површини, шуми и ливади.

Вируси пренесени од овој комарец може да предизвикаат сериозни заболувања, па дури и смрт. Започнуваат со црвенило на кожата, оток, слабост, малаксаност, главоболка, тегоби, зголемена температура. Сепак, според епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Жарко Караџоски, не секој комарец е носител на вирус, но сепак е важно да се посвети внимание на превентивните мерки.

„Во изминатиот период кај нас не е регистриран ниту еден случај на зараза пренесена преку овој комарец, а Инфективната клиника е опремена со сите услови и препарати за дијагностицирање. Во моментов не постои ризик од заболувања поради тоа што временските услови и температурите не му одговараат на комарецот за да може да се развива. Но мора да се знае дека се размножува во многу мало количество вода, дури и во чаша или во саксии со цвеќе или застоени води во природата, но и по дворовите. Овој комарец го хибернира зимскиот период и станува активен од март, а најголема активност покажува јуни, јули и август“, рече Караџоски.

Поради тоа, сите општини идната година ќе имаат обврска да спроведат превентивни дезинсекции, дератизации и дезинфекции на водени, шумски и ливадски површини. Караџоски нагласи дека е особено важно граѓаните што ќе се движат во природа да ја заштитат кожата со средства против комарци и да носат бела облека на која лесно се забележуваат инсекти.

Азискиот тигрест комарец бил детектиран со мапирање, што од март до септември го спроведувала Агенцијата за храна и ветеринарство. Комарецот веќе еднаш бил откриен кај нас во 2016 година, но само во околината на Богданци. Во изминативе години, информираа од АХВ, поради влијанието на климатските промени, тој е присутен и во Европа и на Балканот.

„Мамките се поставени во цела источна Македонија, а продолжуваме и во остатокот од државата за да добиеме целосна слика за тоа дали и каде е проширен. Агенцијата утврдуваше и дали овој комарец евентуално има пренесено болести кај животните и според резултатите нема потврда за постоење на такви болести, а во моментот и не постои таква опасност“, информираше вчера директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Сања Наумовска