Тереза Меј го покани Заев на самит во Лондон

Амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Гарет денеска на премиерот Зоран Заев му врачи покана од британската премиерка Тереза Меј за Самитот за Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон во јули следната година во рамки на Берлинскиот процес.

Во писмото, британската премиерка нагласува дека целта на Самитот во Лондон е да се поддржат земјите од Западен Балкан во нивната посветеност за добрососедски односи, регионална соработка и адресирање на предизвиците во овие процеси.

Премиерката Меј потсетува дека лидерите на Самитот во Трст се согласиле дека интеграциите се „стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, сигурноста и стабилноста на Европа во целост“ и додава дека Велика Британија е подготвена да помогне со експертизи и искуствата за посилен прогрес. Посочувајќи дека поддршката на Велика Британија на регионот е долгорочна, премиерка Меј нагласува дека го поддржуваат регионот на неговиот евро-атлантскиот пат.

Владината прес-служба соопшти дека премиерот Заев на средбата со британскиот амбасадор се заблагодарил за поддршката што и ја дава Велика Британија на Република Македонија и на целиот Западен Балкан.

Двајцата соговорници разговарале за важноста на планираните теми за кои што ќе се дискутира на Самитот во Лондон. Во делот на обезбедувањето просперитет, се планира фокусот да биде ставен на меѓусебното поврзување на државите, енергетиката, дигитализацијата и претприемништвото, а во делот на безбедноста, на справувањето со корупцијата, организираниот криминал, движењето на луѓе и стоки, тероризмот и насилниот екстремизам.

Премиерот Заев најавил дека Македонија ќе даде активен придонес во сите важни прашања што ќе бидат тема на Самитот.

– Стратешки цели на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и во НАТО. Свесни сме дека само заедно, како регион, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот и за државите, и во поширока смисла и јас како премиер и Владата на Република Македонија силно се посветени на овие цели и процеси, истакнал Заев.

Разговарано е и за важноста од потребните внатрешни реформски процеси, особено во делот на независноста на правосудството и владеењето на правото.