Тепачка меѓу патник без билет и контролори на ЈСП

На социјалните мрежи се споделува фотографија на која се гледа физичка пресметка меѓу патник и двајца контролори на ЈСП.

Од јавното претпријатие информираат дека се запознаени за инцидентот кој се случил во автобус на линија 2 во Сарај кон центар, неколку минути после пладне.

„Веднаш по инцидентот, на терен излезе екипа на Внатрешна контрола на ЈСП, а повикана била и екипа на МВР. Според исказот на контролорите, инцидентот се случил откако патник без билет физички го нападнал едниот контролор, по што, се вмешал и другиот контролор. Патникот, според Внатрешната контрола, се обидел да избега, но бил приведен од страна на екипа на МВР. И патникот и контролорите дадоа исказ во МВР.
Во случајов, и Внатрешната контрола на ЈСП Скопје ќе утврди дали евентуално и контролорите имаат вина во инцидентот, односно дали го прекршиле Кодексот на вработените и дали против нив ќе се поведе соодветна дисциплинска постапка“, информираат од ЈСП.

Тие потенцираат дека не толерираат кршење на Кодексот на вработените од страна на било кој вработен (возач, контролор, билетарка, аминистративен работник и слично) и се отворени за жалби/пријави/поплаки од секаков вид.

„Истите можат секојдневно да се доставуваат на веб страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk или во инбокс на www.facebook.com/jspskopjee , со точно наведени податоци за настанот (ден, време, линија, гаражен број на возило и слично), за да внатрешната контрола или друга соодветна служба го испита случајот и против вработениот, доколку се утврди вина, презеде соодветна дисциплинска мерка“, велат од ЈСП.