Тендерот за реагенси голем товар за власта

Следната недела по евалуацијата ќе се знае дали ќе биде поништен 36-милионскиот тендер за набавка на реагенси. Јавноста беше преплавена од реакции откако се дозна дека меѓународната компанија „Абот“ конкурирала со подизведувач, фирмата „АХР ЛАБ ДООЕЛ“ формирана пред четири месеци. Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера уверуваше дека Министерството уште не склучило договор и дека фирмата не го добила тендерот. Филипче тврдеше дека доколку се утврди оти документацијата не е во ред, тендерот ќе биде поништен. Постапката уште не е стигната до електронска аукција. Филипче рече дека реакциите во јавноста за тендерската постапка се невистини, шпекулации и обвинувања.

Тој изјави дека не знае детали околу фирмата којашто постои од април. До Министерството за здравство пристигнале четири приговори, кои сè уште не се разгледани целосно, а најголемиот дел се однесува на постапката.

„Ние баравме и транспорт на крв, затоа што сметавме дека тоа е огромна заштеда во однос на трошоците, како и централизиран систем на следење ИТ којшто ќе ни овозможи увид во тоа колку јавните здравствени установи трошат во моментот или колкава им е вистинската потреба. Нам ни е потребно никогаш да нема недостаток  од никаков реагенс во ниту една јавна здравствена установа каде што треба да има апарат за биохемиска анализа на крв“, рече Филипче.

Станува збор за тригодишна јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки анализи на крв на пациенти, со што би се заштедиле 20 отсто од плаќањата. Државата троши по 12 милиони евра годишно за реагенси. Филипче подвлече дека во текот на април бил спроведен дијалог согласно со одредбите од Законот за јавни набавки.

„По техничкиот дијалог, сите оператори кои го искористија правото да дадат забелешки по тендерската документација и поднесоа приговори добија записник  и коригирана тендерска документација. Целиот процес беше транспарентен и отворен за јавноста, на јавното отворање беа присутни од Центарот за граѓански комуникации и надворешни претставници на фирмите“, додаде министерот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека министерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој 35 милиони евра, пари на граѓаните, треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката.

„Јавното обвинителство уште утре треба да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста. Зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да се распише ваква набавка? Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Оставка на министерот побараа и од Алијансата за Албанците. „Скандалозен е фактот дека тендерот за кој станува збор е така составен за победник да биде една сомнителна компанија која постои четири месеци, а е раководена од страна на млади и неискусни луѓе во оваа област“, велат од Алијансата за Албанците.

Филипче одговори дека ако некој смета оти тоа што Министерството сака да направи заштеда и да го подобри здравствениот систем  е причина за оставка, нема проблем.

„Не знам со кој образ излегуваат да зборуваат за здравството што го газеа со години. Излезе и еден колега, доктор, во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ, стои пред монитори кои вредат колку една интензивна нега, веројатно држи прес во зграда што вреди колку два клинички центри и згора на сè, изнесува невистини“, одговори министерот.

Според надлежните, концептот на централизација на медицинските лаборатории, кои според најавите треба да бидат дванаесет, е голем бенефит за македонските граѓани,  а проектот е во насока на усвојување европски модел, со цел реформирање на здравствениот систем.

Доктор Душко Филиповски  за „Независен весник“ вели дека ако набавката на нова опрема и регионализацијата на лабораториите за наоди се во насока на стандардизација на резултатите, тогаш проектот е оправдан.

„Затоа што во практиката од различни лаборатории добиваме различни резултати“, објасни Филиповски, потенцирајќи дека ова е негов став, а не на Здружението на гинеколози, чиј претседател е.

Фирмата подизведувач „АХР ЛАБ увоз-извоз“, според податоците од Централниот регистар, постои само четири месеци, а управител е Александар Јовановски. Станува збор за фирма со влог од пет илјади евра, а за контакт е ставен само и-меил.

Вероника Мароска-Леова