Телото на Елмедина плутало по водата, никој не скокнал да ја спаси

Тага, немоќ, гнев, лутина, револт… тешко може да се опишат чувствата што се мешаат кај блиските на 13-годишната Елмедина, која во вторникот попладне се удави во ископ за темели за изградба на зграда во скопската приградска населба Илинден. Тоталната нефункционалност на општинските и државните служби и запуштеноста во однос на прописите за градење и за инспекција резултираа со трагедија, која можеше да се прошири во уште поголеми размери. Среќа во несреќа е што живиот песок не ги зел со себе сите што влегоа да го спасат, а подоцна и да го извадат мртвото тело на девојчето.

Еден ден подоцна, атмосфера на јад и неверување на улицата „2“ во местото Бигла каде што наивната детска игра заврши со црнила. Покрај главниот пат што води низ населбата, опкружен со куќи и со продажни објекти, наеднаш здогледувате бришан простор. Тука требало да никне зграда, поточно повеќе згради, од кои една година по копањето темели нема ниту абер.

Минатото лето почнаа со работа, набргу се откажаа, веројатно поради тоа што под земјата излезе многу вода. Зимоска да поминевте, водата надојде до улицата, сигурно беше длабока десетина метри. Потоа се сетија дека возилата може да паднат во дупката, па изградија ‘брег’ колку да се повлече водата. И се повлече, но не сосема. Сега на лето е длабока четири метри, а никаде нема ограда и забрана за движење дека се гради“, лути се жителите на Илинден.

Пред дупката што личи како да е погодена од кратер нема никаква табла, што е законска обврска и на која треба да пишува кој е сопственик на земјиштето, кој е изведувач, градежна дозвола, цел на намена… На еден ѕид покрај улицата е насликано дека е предвидена изградба на 12 згради, оставен е телефонски број за продажба на недвижности, на кој, патем, вчера не се јавуваше никој.

Навистина е нејасно како е можно цела година никој да не помине и да не ја огради дупката. Не се знае ниту кој гради, ептен тајно и нејасно се тераше работата од самиот почеток, како да се претчувствуваше оти нешто лошо ќе се случи“, продолжуваат да негодуваат соседите.

Петстотини метри од местото на трагедијата живеат блиските на загинатото девојче. Многудетно ромско семејство, сите ги знаат како чесни и работливи луѓе. Со нивната загуба сочувствува цел Илинден. Елмедина е трето од петте деца, четири сестри и едно братче живееја во слога и љубов. Во вторникот попладне, Елмедина, заедно со помалиот 11-годишен брат и со другарот од соседната куќа излегле да се прошетаат. Во еден момент, двете момчиња се лизнале на камењата и на земјиштето покрај водата и потонале во живиот песок. Храброто девојче не се двоумело ниту една секунда, влегло во водата и со својата кревка сила успеало да ги извлече братот и другарот, но не можело до крај да се извлече. Смртта била преблиску.

За еден миг се собраа еден куп луѓе, дојдоа полиција и пожарникари, двајца мажи се обидоа да влезат и да ја спасат, ама песокот како да оживеа, ги повлече надолу, па тие мораа да се вратат назад“, сведочат соседите.

Во семејството на Елмедина не можат да се помират со црната судбина. Убедени се дека сѐ можело да биде поинаку. Лути се што цела година никој не ја заградил дупката, а уште повеќе од реакцијата на службите за спасување.

Пет-шест минути откако падна во водата, дојдоа пожарникари и полицајци, но тие само немо гледале како девојчето плута по водата. Им било страв да влезат во водата, оти можеле да настрадаат. Па, зошто се тогаш платени? Нели се обучени за тоа? Среќа што не ги начекав, инаку лично ќе се пресметав со нив“, гневен е вујкото на Елмедина, кој пристигна од Белград за да се збогува со својата внука.

По некое време, пристигнале две момчиња, силни и непоколебливи, кои се втурнале во водата и го извлекле телото на несреќното девојче.

Можеби еден час плутало телото по водата и никој да влезе. Којзнае, можеби ќе ја спаселе да си ја работеле работата за која се платени. Јас не се мислев воопшто, таа ми е братучетка, но и да не ми беше роднина, ќе влезев во водата. Тињата ме повлекуваше надолу, никогаш не сум се соочил со такво нешто. Кога се доближив до неа, не можев да ја подигнам, беше тешка како никогаш порано, се имаше изнаголтано вода. За жал, не успеавме да ја спасиме“, вели братучедот на Елмедина и нè замолува да не му го пишуваме името, оти не може да биде херој кога девојчето веќе го нема.

Додека го напуштавме Илинден, дојдоа работници со камиони за да подигнат ограда околу дупката. Еден ден подоцна и еден ден предоцна. Работниците носеа маици со потпис на приватна фирма што веднаш ја исконтактиравме.

Ние немаме врска со несреќата. Општината нè замоли да дигнеме ограда и тоа го направивме. Не знаеме кој е сопственик на објектот“, тврдеше одговорниот во приватната градежна фирма.

Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека несреќата се случила околу 14:30 часот кога малолетничката на возраст од 13 години паднала во ископот полн со вода, по што пристигнале екипи на полицијата, Итната медицинска помош и Бригадата за противпожарна заштита.

Околу 15:00 часот, од страна на локалните жители, телото на девојчето било извадено. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција. Се работи на расчистување на случајот“, рекоа од полицијата.

Се огласија и од Основното јавно обвинителство, од каде што велат дека се работи и на утврдување евентуална кривична одговорност.

Побарани се информации за фирмата што ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се собираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност. Во исто време, се собираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност.

Општина Илинден: Објектот нема дозвола за градба

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски изрази сочувство до семејството на настраданото девојче. Во изјава за „Независен весник“, тој напоменува дека секој инвеститор, сопственик на градежна парцела, треба да биде доволно информиран и мора да ги знае процедурите и одговорностите за сите свои активности.

Во тој контекст, тие треба да се свесни за сите последици што би произлегле при нереализација, недоовлна подготовка и непочитување на прописите. Конкретно за овој случај, општинските служби имаат преземено дејствија согласно нивните надлежности, таму во еден период било заградено местото, а потоа повторно одградено. Таму не сме издале одобрение за градење“, потенцира Стојановски.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски