“Тврдина Таргет“: Сашо Мијалков седнува на обвинителна клупа на 22 декември

Поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков за еден месец ќе седне на  обвинителна клупа во Кривичниот суд. Судијката Ленка Давиткова го закажа 22 декември како термин за првото рочиште за предметот “Тврдина Таргет“ кој се однесува на масовното прислушување и уништувањето на системите за следење на комуникациите.

Јавноста нема да има можност во целост да слуша како се вршело прислушувањето. Обвинителниот акт против 11 лица е класифициран, во него има голем број на докази кои се со ознака “тајно“ и според тоа сите оние кои немаат безбедносни сертификати нема да можат да присуствуваат на судењето.

“Истрагата за предметот со кодно име “Тврдина“ беше отворена во март 2016 година, а за предметот “Таргет“ во ноември 2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет“, се наведува на веб-страницата на Специјалното јавно обвинителство каде што се објавени обвиненијата за сите предмети, но не и за “Тврдина Таргет“ поради тоа што актот е класифициран.

Токму Мијалков и поранешниот началник на Петата управа Горан Грујевски кој се уште е во екстрадиоционен притвор во Солун, Јанева ги посочи како главни обвинети во предметот и за нив очекува најстроги казни.

Покрај нив, во предметот обвинети се и поранешната министерка Гордана Јакулоска, шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски и уште шест лица.