Таравари: Решавањето на проблемот со бездомните кучиња во Гостивар е загалавено во бирократски процедури

За една година ние имаме преземено конкретни и сериозни чекори за решавање на проблемот со бездомните кучиња, но законите и бирократските процедури не ни овозможија поголема ефикаснот, рече градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на прес-конференција посветена на трагичниот настан во кој една средношколка го загуби животот.

Одговарајќи на новинарски прашања, Таравари околу мерките кои локалната власт ги спроведува, тој наглaси дека пристапот кон проблемот бил сериозен и со планирани активности. Во последнава година, од гостиварските улици со две шинтерски екипи, вакцинирани се над сто кучиња, а 50-тина се стерилизирани.

Според него, општина Гостивар е пред останатите во земјава во решавањето на проблемот, но како што рече актуелните закони не даваат можност за поголема ефикасност.

– Состојбата е таква што е невозможно да се реши ваков проблем за една година. Од минатата власт наследивме едно расипано комбе и еден човек и хаос по улиците. Во меѓувреме создадовме служба и две екипи, прифатлиште кое пред пет месеци е комплетирано. Тоа е со дваесетина боксови и услови за прифаќање на животни. Не е во функција, бидејќи процедурите се заглавени во бирократските лавиринти, на управи одбори, комисии и не можеме да добиеме дозвола за работа, рече Таравари

Тој потенцираше дека како општина е меѓу ретките, а можеби и едниствена која има физибилити-студија за проблемот и колку бездомни кучиња има по улциите. Таа покажала дека ги има над 400. Во меѓувреме како краткорочни мерки, локалната самоуправа од постојните две екипи, ќе ангажира уште две, но проблемот е нивното сместување. Засега во објектот кој е предвиден за прифаќање на кучиња сега има околу стотина животни. Како клучен проблем за третманот на животните, ги посочи актуелните законски прописи. Но, како што подвлече, проблемот не е присутен само во Гостивар, туку и низ целата земја и смета дека единствено решение е системски приод на државно ниво.

Таравари ја поздрави изјавата на премиерот Зоран Заев во која се најавија измени на актуелните закони, бидејќи се премногу комплицирани, а премиерот најави и нова регулатива за функционирањето на шелтер центрите.

Градоначалникот Таравари на прес-конференцијата уште еднаш упати апел со кој бара, трагичниот настан од пред два дена да не се користити во политички пресметки.

– И покрај гневот акумулиран овие денови јас и мојот тим нема да паднеме на ниво на посмртни кампањи, ќе ја сочуваме почитта кон споменот за ова девојче и за семејството Меџити. На 5 ноември, почина една млада девојка, а со по трагедијата стане политичка игра и шаховска фигура. Според полицискиот извештај, точно е појаснето зошто и како се случила несреќата. Сé што произлезе од гласините што се поајвија побрзо од самата вест за смртта, не е точно, заклучи Таравари и за повеќе информации ја повика јавноста да се обрати до полицијата и истражните органи.

Прес-конференцијата на градоначалникот на општина Гостивар беше свикана по повод трагичниот настан од пред два дена. Средношколка која враќајќи се од училиште била нападната од куче и во обидот да се спаси, паднала во водите на Вардар и набрзо се удавила. Трагедијата сé уште е актуелна во јавноста и според коментарите се бара одговорност и решение за проблемот со бездомните кучиња.