Таравари ги враќа старите директори во училиштата

Локалната самоуправа деновиве врши смени на раководните кадри по училиштата. Засега се сменети се директорите на основните, а наскоро треба да бидат назначени и во средните општински училишта.

Од службата за информирање во општина Гостивар потврдија дека од градоначалникот Арбен Таравари, решенија за назначување добиле новите директори на дванаесет основни училишта.

– Процедурата за назначување на нови раководства е при крај, а очекуваме да заврши и смената на помошниците директори. За смената во основните училишта го информираваме и ресорното министерство од каде добивме позитивно мислење. Истото го очекуваме и за постапката за назначување на дирекотри во средните училишта, наведуваат од инфо службата на општина Гостивар.

Пормената на раководните позиции во училиштата наиде на реакција од политичката партија ДУИ. Тие во последното соопштение оценуваат дека градоначалникот Таравари ја повторува истата грешка, а именување на нови директори се спроведува на незаконски начин.

– Откако му се вратија надлежностите, Таравари ги врати директорите кои ја вршеа функцијата во времето на Груевски. Повторно назначува директори кои важат за негови партиски војници без претходно да се консултира со управните одбори на училиштата. Токму заради тоа му беа одземени надлежностите во образованието. Сега ја повторува грешката и ќе се претставува како жртва, а власта ќе ја обвинува за реваншизам, стои во реакцијата од ДУИ.

Непосредно по локалните избори, актуелниот  градоначалник ги смени раководните органи на училиштата и назначи „вд директори“. Во ноември 2017 година министерството за образование и наука (МОН) му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на општина Гостивар и ги врати на работа старите кадри.

Ингеренциите во делот на назначување и разрешување на директори во училиштата, по девет месеци повторно беа вратени на Општина Гостивар. Смената на раководните кадри станува актуелна со почетокот на второто полугодие на учебната 2018/2019 година.