СЈО ги најде „странските служби“

Истрагата под името „Странски служби“, како што информира обвинителка Фатиме Фетаи, се однесува на две осомничени лица, едно директен извршител, а другото како поттикнувач.

Првоосомничениот е поранешен началник за оперативна техника во УБК, кој направил извештај за да се потврди тогаш промовираната теза дека нелегалното масовно прислушување го вршеле тајни служби.

– По барање на еден од осомничените, кој тогаш бил началник на Одделот за оперативна техника во УБК, странска компанија изготвила извештај во кој било наведено дека на подрачјето на град Скопје, со своја опрема детектирале нелегални активности поврзани со дупли базни станици. Ваквиот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби. Интерес за овој извештај имала и странската компанија – рече Фетаи.

Според неа, оваа компанија со најбрза постапка за јавна набавка, односно со фаворизирање, го добила тендерот за набавка на опрема.

– На 16 декември побарале да се спроведе постапка, а првоосмничениот на 19 декември донел одлука за набавка и самоиницијативно поднел до три странски компании. За пет дена било завршено сѐ. На петтиот ден, на 24 декември е донесена одлуката за најповолна понуда, додека опремата е испорачана во мај 2015 година и веднаш е инсталирана – истакна Фетаи.