Судот не го најде Груевски дома, неизвесно кога ќе стигне во Шутка

Судскиот доставувач вечерва и по втор пат не го нашол дома поранешниот премиер Никола  Груевски за да му го достави решението и лично да го извести за одбивањето на неговата жалба и дека треба да се јави на издржување на  двегодишната затворска казна во затворот во Шутка.

Иако десетици новинарски екипи го чекаа Груевски пред затворот, тој досега не се појави. По одлуката на Кривичниот совет доцна попладнево дека е одбиена е последната жалба на Груевски, почнаа да излегуваат информации во медиумите дека судските курири го барале  Груевски дома, но неговата сопруга Боркица Груевска докажувала дека  не е дома.

Со овие неуспешни обиди, судот за денеска ја заврши процедурата. Сега остануваат неколку можности, вечерва или викендов Груевски доброволно да се пријави во затвор или ако не го направи тоа, со оглед на тоа дека следува викенд, решението да му биде доставено во понеделник кога треба да се појави на судењето за случајот „Титаник“.

Груевски не дојде во суд кога му се изрекуваше пресудата за „Тенк“, односно за незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“, па неизвесно е дали неговото одење во затвор ќе се случи пред очите на јавноста.