Судот во Солун утре ќе одлучува за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

Во Солун утре во 10 часот по грчко време треба да продолжи судењето за барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски, откако минатата недела беше прекинато поради истекот на временскиот период предвиден за рочиштето.

– На судењето ќе бидат доставени документи од одбраната во поглед на тоа дека барањето за екстрадиција е неосновано, а дали ќе бидат сослушани уште сведоци не знам – изјави адвокатот на обвинетите Петар Василев.

Утре, како што рече, треба да биде донесена и одлуката и според грчките закони таа се објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

– Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски – рече Василев.

За екстрадиции во Грција, одлучува совет, најчесто во тричлен состав, двајца судии и еден обвинител, на јавно рочиште, освен ако не биде доставено специјално барање, сослушувањето да се одржи зад затворени врати. Токму таков беше случајот со поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање. Едниот од адвокатите на минатото рочиште побара судењето да биде затворено за јавноста, поради заштита на лицата за кои се бара екстрадиција.

Адвокатот Костас Хаѕијоану ова барање го поткрепил со тврдењето дека Грујевски и Бошковски во Македонија се изложени на ризик од закани и прогон.

Откако на 29 ноември беше одложено првото рочиште за екстрадицијата, по испратеното барање и документацијата од македонска страна, на 13 декември во улога на прв сведок, советот на судии го сослуша исказот на адвокатот на обвинетите,  Петар Василев.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.

Грујевски и Бошковски, кои се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.