Судење за 27 април: Помирувањето почна да ги одложува судењата

Додека во судската сала обвинетите за насилниот упад во Собранието, рамнодушно, а некои со смеење се гледаа себеси со фантомки на главите во законодавниот дом, таму се поднесува закон за амнестија и сè погласно се зборува за помирување. Никој од пратениците што се обвинети во овој предмет не сакаа да го коментираат законот, но на вчерашното рочиште можеше да се забележи послободна комуникација меѓу обвинетите, непосредно пред да почне судењето. Муабети разменија првообвинетиот пратеник, Крсто Мукоски со Богдан Илиевски и обвинетиот Никола Митревски-Кољо со пратеникот Јохан Тарчуловски.

Откако го стиснаа копчето „за“ уставни измени во Собранието, тројцата првообвинети пратеници кои се дел од новата пратеничка група побараа пауза на судењето и заминаа во Собрание на средба со премиерот Зоран Заев и министрите Рената Дескоска и Никола Димитров. Судијката која го води овој случај, Добрила Кацарска, им порача: „А знаете мене колку ми е битно дали се пратеници или обични граѓани? Може само да добијат построга казна. Што не кажавте претходно дека ќе им требало уште еден час пауза. Следен пат, ако се повтори ова, ќе им одредам мерка притвор“, рече Кацарска која го одложи судењето за денеска. За случајот „27 април“ веќе се закажани рочишта за секој ден до крајот на оваа недела.

На вчерашното рочиште се гледаа снимки од собраниските камери во ходникот кој ги поврзува холот „Длаборез“, во кој се наоѓа кабинетот на собранискиот спикер Трајко Вељаноски, со прес-салата каде што беа извршени најтешките насилства. Никола Митревски-Кољо е предводник на насилниците кои со фантомки влегоа во прес-салата во Собрание и тепаа пратеници и новинари, а групата ја насочува членот на обезбедувањето на Вељаноски, Горан Ѓошевски. Пред да влезат во прес-салата Кољо и Ѓошевски се поздравуваат.

Насилниците со фантомки очигледно не биле свесни дека нивните движења ги снимаат камерите. Во холот пред кабинетот на Вељаноски се шетаат без фантомки и ги ставаат дури кога тргнуваат за прес-салата. Меѓу лицата со фантомки, Обвинителството ги препозна обвинетите Младен Додевски, Дејан Давидовски, Митре Питроповски, Илија Славески Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Стефан Младеновси и Вилијам Михајловски, а другите лица сè уште не се идентификувани.

Без фантомки се снимени Игор Југ, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и група граѓани кои влегуваат кон прес-салата. На минатото рочиште видеоснимката која беше презентирана во јавноста покажа дека луѓето со фантомки биле добредојдени во кабинетот на собранискиот спикер Трајко Вељаноски. За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се пратениците Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Фросина Факова – Серафиновиќ