Студенти креираа нов финансиски инструмент за ФИТР

Предлог проектите на два тима од трета година на Економскиот факултет во Скопје беа избрани како најдобри од деветте групи кои денеска во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ги презентираа своите решенија за нов финансиски инструмент за ФИТР.

Одлуката, како што соопшти ФИТР, ја донела петчлена комисија во чиј состав биле претставници од Економскиот факултет од Скопје, Светска банка, Министерството за финансии, Универзитетот Американ колеџ и Фондот за иновации и технолошки развој.

– Ова е одлична можност истовремено да научите како да пишувате предлог проекти, но и како да ги презентирате пред идните инвеститори. Целта на оваа задача беше да ве поттикнеме да учествувате во креирање на нови механизми за ко-финансирање на компании, а од ова што го видовме денес комисијата навистина имаше тешка задача да ги одбере најдобрите, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Петте наградени студенти ќе добијат неколкумесечна пракса во ФИТР каде со поддршка на експертите од Фондот ќе работат на развивање на предложеното решение во конкретен инструмент.

Проектите беа изработени како стручен труд во рамки на предметот „Управување со производ“ под менторство на професор д-р Ежени Бржевска. Студентите имаа задача да осмислат нов начин на кофинансирање на мали и средни претрпријатија и да подготват презентација за нивниот предлог проект за проектната задача која кон крајот на октомври им беше зададена од Фондот, информираат од ФИТР.