Српски и црногорски медиуми: Груевски во Унгарија влегол преку Србија

Србија-Српските и црногорските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори информираат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија влегол преку Србија.

Давајќи ја информацијата дека македонските државјани можат непречено да влезат во Албанија, Црна Гора и Србија со лична карта и дека до 13 ноември за Груевски не била распишана меѓународна потерница, според пишувањето на подгоричкиот весник Вијести, Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија (Гостун).

Според Побједа, кога Груевски влегол во Црна Гора, со него биле носителите на унгарски дипломатски пасоши Кулсар Антал и Варсалваи Шаба, а додека влегувале во Србија, со него биле Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, исто така носители на дипломатскиот пасоши на Унгарија.

-Во Србија влегол со автомобил со регистарски ознаки 55А05 во кој биле Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, кои се и носители на дипломатскиот пасош на Унгарија, објавија утринава медиумите во Подгорица.

На официјалната веб-страница на унгарската амбасада во Подгорица се наведува дека Золтан е заменик амбасадор на Унгарија во Црна Гора, а Шаба конзул. Покрај Амбасадата во Подгорица, Унгарија во Црна Гора има и конзулат во Херцег Нови.

Овие инфрмации се совпаѓаат со веста на ДВ на српски јазик,  дека Груевски од Албанија со „возилото марка Folksvagen Jetta бил префрлен во Подгорица, каде што го чекал унгарскиот заменик-амбасадор, кој заедно со уште едно лице влегле во друго возило, и со автомобилот Груевски го префрлиле до црногорскиот граничен премин Добраково со Србија (граничен премин Гостин).

На тој премин пристигнале околу 22 часот, влегле во Србија и таму Груевски го предале на други унгарски дипломати кои поради ова дојшле од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и примопредавањето на бегалецот се случила во мотелот “Лукс” во Гостин, во близина на Пријепоље.

Во Србија и од српското МВР од почетокот на случајот со Груевски засега молчат и не излегуваат со информации, со исклучок на опозицијата која побара одговори за логистиката на Србија во случајот со Груевски.

Фото: Б. Грданоски