Спасов: Законот за јазиците не го загрозува македонскиот

 Законот за јазиците не му пречи на македонскиот јазик, на неговиот статут и корпус, како и на Законот за македонски јазик кој оди како посебен јазик, изјави универзитетскиот професор Људмил Спасов, по отворањето на Меѓународната научна конференција „Минатото на јазичниот свет – денес и утре“.

– Македонскиот е јазик на оваа држава и како таков ќе остане, и ми се чини дека никој не помислил, ни другите што не им е мајчин јазик, да го негираат. Напротив, со една политика на атракција на приближување секој народ или секој човек ќе се најде себе си во оваа држава, вклучително, ќе се придвижи, ќе го усвојува и ќе го употребува македонскиот јазик, рече Спасов. Според него, има место за амандмани во текстот на Законот за јазици, но, како што рече, нема место за негирање и повлекување.

– Се залагам да влезе во собраниска процедура и Законот за македонски јазик , кој е посебен закон. Со политика на атракција или приближување на луѓето да ги сфатиме јазиците во  Македонија, особено македонскиот и другите, како јазици на зближување, а не на разделување. Како мостови меѓу култури и меѓу луѓе, истакна Спасов.