Спасовски: Полицијата како сервис на граѓаните е концепт што се остварува преку локалните совети

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од Општина Конче го истакна значењето на функционирањето на Локалниот совет за превенција во општината, кое според него, е во насока на целосно остварување на концептот за – полицијата како сервис на граѓаните.

-Функционирањето на локалниот совет за превенција овде во општина Конче е уште еден чекор во насока на целосно остварување на концептот што го афирмираме со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија за – полицијата како сервис  на граѓаните. Практично, подинамично приближување на полицијата до граѓаните во локалните средини, независно дали се работи за урбани или рурални средини, меѓусебна редовна комуникација, информирање, едукација, а се со цел да се подигне општиот степен на сигурност и безбедност на граѓаните и на нивните материјални добра. А истовремено драстично преку низата превентивни активности и соработка да се намали стапката на криминалитет во локалните средини, рече Спасовски.

Во локалните совети за превенција покрај надлежни полициски службеници и претставници на локалните власти имаат можност да партиципираат непосредно и конкретно невладините организации и граѓаните.

-Се надевам дека Локалниот совет за превенција при општината Конче ќе ја оствари својата корисна мисија. Полицијата од своја страна ќе стори се што е во нејзина моќ, согласно своите законски надлежности и обврски, да даде максимален придонес во функционирањето на советот. Ова е во рамки на активностите што ги преземаме, се со цел поголема безбедност на граѓаните и кои даваат резултати. Резултатите од работата на полицијата се гледаат и од последната анкета на ОБСЕ, каде 75 отсто од граѓаните се изјаснија дека се чувствуваат безбедни. Но, ние не се задоволуваме со тоа и во иднина ќе работиме за овие бројки уште повеќе да се зголемат, рече Спасовски.

Како што соопштија од МВР, министерот Спасовски остварил работна средба и со градоначалникот на Конче Благој Илиев, на која се разговарало за меѓусебната соработка.

-Многу важно за безбедноста е да има партнерски однос меѓу граѓаните и македонската полиција. За жал, таа нишка беше прекината во минатото, но сега ја обновуваме таа соработка и притоа ја враќаме довербата на граѓаните во полицијата, рече Спасовски.