Спасовски: Македонија системски се бори против нелегалната трговија со оружје

Свесни за фактот дека употребата и достапноста на нелегалното оружје директно негативно влијае не само врз сеопштите трендови во разните области од криминалот, туку и може директно да влијае врз дестабилизација на самите општества, во изминативе години Македонија се фокусираше на градење интегриран, системски пристап кон борбата против нелегалната трговија со оружје и експлозивни материјали.

Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски обраќањето на Состанокот на локалните групи за координација за недозволена трговија со оружје на земјите од Западен Балкан.

– Во изминатиот период МВР како институција во чија законска надлежност е справувањето со оваа проблематика, направи многу во стандардизацијата и имплементацијата на нормите, иницијативите, препораките по однос на воспоставување квалитетни и ефикасни рамки за превенција, контрола, но и откривање на нелегалната трговија со мало и лесно оружје, муниција, експлозивни материи, градејќи кредибилен, одржлив и интегриран национален концепт на делување, рече Спасовски.

Посочи оти Министерството подготви нова Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје која ги детерминира и дефинира новите трендови и предизвици, но и правците и приоритетите за дејствување, креирајќи координиран систем на меѓуинституционално делување на сите релевантни чинители, вклучително и граѓанскиот сектор.

Спасовски ја потенцира нужната заедничка соработка која што треба да ја даде суштинската логистика во успешната контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со истото.

– Тоа партнерство треба да биде клучната алка во синџирот, не само од аспект на размена на искуства и знаења, туку и од аспект на конкретна оперативна размена на податоци и спроведување заеднички операции. Верувам дека денешниот состанок, односно идеите, иницијативите што ќе бидат изнесени или разгледувани ќе дадат нов квалитет во насока на потесно и поефикасно заедничко делување, рече Спасовски на Состанокот на локалните групи за координација за недозволена трговија со оружје на земјите од Западен Балкан