Спасовски: И опозицијата да се вклучи во безбедносната реформа

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави вклученост на сите релевантни фактори во подготовката на реформите во безбедносните служби, по неформалната средба што ја оствари вчера во парламентот со спикерот Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи и со претседателите и членовите на двете комисии за надзор над безбедносните служби, односно на прислушувањето.

„Многу е значајно во овој процес да ги вклучиме сите политички субјекти, пред сè парламентот, за преку една отворена дебата да дојдеме до најсоодветното решение и реформа која ќе биде ефикасна и ќе создаде заштита на системот на следење на комуникациите и заштита на човековите слободи и права“, рече Спасовски по средбата.

Посочувајжи дека аферата со прислушувањето создаде сериозна политичка криза и откри нарушувања на човековите слободи и права, Спасовски оцени дека е голема одговорноста за вистинско реформирање на безбедносните служби.

До крајот на годината, тој најави нацрт- текст за следење на комуникациите.

„Тоа значи дека во наредниот период тие детектирани решенија да се менуваат, да се создадат технички услови за формирање на агенцијата и намногу за една година да имаме функционалност“, посочи Спасовски, информирајќи дека потребните закони ќе се носат во редовна процедура.

Спасовски рече дека една од препораките на Прибе е опремата за следење на комуникациите да биде надвор од МВР.

Направени се и измени на законот за полиција, што е испратен на мислење до ЕК, а потоа, како што рече Спасовски, преку Влада ќе биде доставен до Собранието.

„Мојата цел е да нема гумени куршуми и електрични палки“, посочи Спасовски.

Претседателот на Собранието Џафери рече дека средбата била на барање на министерот за внатрешни работи, како претседател на Интересорската група за реформскиот процес кој произлегува од Извештајот на Прибе. На средбата, според Џафери, била искажана подготвеност за учество во реформскиот процес и од пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

„Министерот даде гаранција и до пратениците до опозицијата дека ќе бидат информирани за сите детали за процесот на реформите“, рече Џафери.

На средбата присуствуваа и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.