Спасовски е за ВМРО-ДПМНЕ гласноговорник на владиниот картел

Изјавата на Оливер Спасовски е изјава на гласноговорник на криминалниот картел на власт. Илјада пати да повтори дека договорот со Грција е позитивен за Македонија нема да го промени фактот дека овој договор е капитулантски и штетен и директно го загрозува македонскиот идентитет, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, залудно Спасовски говори за евроинтегративен пат на Македонија, кога СДСМ, како што се наведува, ја закова за една година државата на дното на листата за корупција на Транспаренси интернешнл, кога Европска унија нотира корупција во судството, кога цвета криминалот и корупцијата на картелот на власт преку нивните бизниси, а економијата тоне.


-Да владееше правото во Македонија немаше да се водат политички монтирани судски процеси, да се судат луѓе на 81 година затвор, додека од друга страна се замижува пред очигледна снимка на која се бара поткуп од 200 илјади евра или за убиство обвинетите се судат на четири месеци затвор, се потенцира во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ – по изјавата на Спасовски дека нема да има амнестии за криминалите на претходната власт, туку дека ќе има правда и одговорност.


Спасовски, заедно со својот шеф Заев, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, успеале да ја урнисаат Македонија и да ја претворат во темен вилает во кој се гази достоинството и правата на народот, а секој кој се противи се соочува со монтирани судски случаи, солзавец или шок бомби.


-Им порачуваме, колку повеќе удирате по својот народ, толку побрзо ќе паднете. Народот на крајот ќе победи. Македонија ќе победи, а ликови како Заев и Спасовски ќе завршат на политичкото и историско буниште, се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.