Спасовски: Во Велес криминалитетот намален за девет проценти

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека на подрачјето на СВР Велес криминалитетот е намален за девет проценти, како и дека е зголемена ефикасноста неговото откривање. Тоа, како што посочи, се гледа и во ова второ полугодие од 2019 година, каде се бележат добри резултати во делот на откривање на криминалитето.

-Разговарав со началниците и раководителите во СВР Велес како сето тоа да го подобриме. Знаете дека за безбедноста не е одговорна само МВР, туку сите институции заедно и затоа разговаравме како да соработуваме повеќе со нив и да ги мотивираме и нив да превземааат одредени активности во нивните надлежности, а со цел заедно да помогнеме во намалување на криминалитетот, потенцира министерот при денешната посета на СВР Велес.

Тој додаде дека има и значително намалување на бројот на прекршоци.

– Тоа е тенденцијата на МВР да се намалат криминалитетот на територијата на целата држава и да се зголеми откривачката дејност, а тоа мораме да го правиме и преку мотивација на полициските службеници, за да имаме подобри резултати, потенцира Спасовски.

Министерот Спасовски нагласи дека втор сегмент за поголема безбедност се и медиумите, кои, како што рече, исто така треба да помогнат во  битката против криминалитетот. Трет сегмент, спшоред него, се самите граѓани, односно дека е потребно создавање на партнерски однос на граѓаните со македонската полиција.

Во однос на откривачката дејност, а поврзано со многу нерешени убиства во Велес, велешко и пошироко, министерот посочи дека во изминатите 28 години, особено преку МВР,  имало многу случаи во кои многу луѓе неправедно биле обвинувани и им биле поднесувани обвиненија, како и оти имало и нерешени случаи.

-Затоа и јас како министер и раковоството на МВР сакаме да работиме само врз основ на факти, аргументи,  на докази, се со цел да ги штитиме основните слободи и права на граѓанинот. Притоа да имаме ефикасни истраги за постапките што ние ќе ги водиме за секој од случаите. Ова е само еден пример кој вие новинарте го посочивте, а во кој се правеле одредени работи веројатно само МВР  да покаже дека има ефикасност и дека нешто е откриено, а тоа е многу лошо. Јас не практикувам да излегувам за било кој настан што ќе се случи во Македонија, а и колегите кои работат само да соопштат дека нешто завршиле со истрагата и знаат се што се случило. Ние само преку квалитетна истрага можеме да дојдеме до вистината, а  само тогаш ќе бидеме сигурни дека имаме и правда,а тоа е и целта да се бориме и за вистината и за правдата, потенцира Спасовски.

Воедно појасни и дека Комитетот што работи во рамките на Владата за одредени случаи за кои, како што рече, е несомнено дека имаат политички заднини и местенки… веќе се работи и оти наскоро ќе има и конкретни резултати за одредени случаи.

-Тоа значи да дадеме сатисфакција за луѓето и да ги рехабилитираме во еден дел. Ова треба да биде уште поголем мотив за професионализација во рамките на полицијата. Треба да имаме вистински пристап врз основа на сите дадени правила  и механизми, како можност за разрешување на одредени ситуациии само врз основа на аргументи и факти, потенцира Спасовски.