Со сериозни повреди, но во стабилна состојба се шестмината македонски граѓани хоспитализирани во нишката болница

Во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот  близу Лесковац во која три лица загинаа, маж и две жени, со посериозни повреди се здобија шестмина македонски граѓани. Тие се хоспитализирани во болницата во Ниш, осуммина  граѓани пак, се со полесни повреди и  се хоспитализирани во болницата во Лесковац.

Повредените, кои се хоспитализирани во болницата во Лесковац ги посетија министерот за здравство Венко Филипче и  државниот секретар на Владата Драги Рашковски .Директорот на болницата ги информирал за состојбата на пациентите.

„Тука се сместени осум пациенти за среќа никој од нив не е во животна опасност, ќе останат тука се додека не бидат спремни за транспорт назад. Има уште шест пациенти кои се посериозно повредени кои се префрлени во нишката болница ние откако ќе ги посетиме и овие пациенти. Во лесовачката болница  шестмина од пациетите ќе треба да останат два, три  дена,  а за двајцата пациенти кои се потешко повредени, ќе задржани уште неколку денови, ама не подолго од една недела“ рече Филипче.

Во јавноста Филипче даде и  изјава дека хоспитализираните во Ниш, кои имаат посериозни повреди се со стабилна состојба.

„Во болницата во Ниш се хоспитализирани шест македонски граѓани од сообраќајната несреќа што се случи кај Лесковац. Тие се со сериозни повреди, но се стабилни. Двајца од нив се на машини за дишење, од кои едниот со повреди на главата, а другиот со повреди на вратниот р’бет. Ноќва ќе им се следи состојбата на сите што се овде хоспитализирани, а потоа ќе се направи проценка дали ќе бидат оперирани во Србија, или ќе ги вратиме во Скопје и кај нас ќе ги оперираме“, вели Филипче.

Тешката сообраќајна несреќа се случи кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма „Еуро Бус“, кој патувал на линијата од Струга за Виена,  излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац. Автобусот со македонски патници тргнал од Македонија синоќа околу 20 часот.