Соседите ќе бидат најбројни за Нова година во Охрид

Охридските хотелски сместувачки објекти најавуваат одлична посетеност за престојните новогодишни празници. Речиси сите капацитети се веќе закупени, традиционално најбројни и оваа година се гостите од соседните држави, но ќе има и гости од западноевропските земји.

Хотелите на охридската ривиера нудат новогодишни аранжмани во времетраење од два до пет дена, а цената зависи од категоријата, како и од времетраењето на престојот во Охрид. Тридневните аранжмани на база полупансион (ноќевање-појадок-вечера) чинат од стотина до 160 евра, со вклучен дочек на Новата 2019 година и богато мени.

Хотелите „Метропол“ и „Белви“ се целосно закупени, со гости претежно од Бугарија, во помал број од останатите земји од Балканот. Тридневните аранжмани во двата хотела чинат 149 евра, со вклучена свечена вечера за дочекот на Новата година.

Капацитетите на хотелот „Инекс“ досега се закупени над 85 отсто, со гости претежно од соседна Грција, како и домашни туристи кои за сместување на база полупансион дневно ќе платат од 35 евра.

Хотелот „Аквалина“ исто така е стопроцентно закупен со гости од Бугарија и Романија, кои за тридневен аранжман со дочек на Новата година ќе издвојат 149 евра.

Уште пред два месеци хотелот „Силекс“ бил целосно закупен за новогодишните празници со гости од Бугарија, кои за тридневен престој во Охрид издвоиле 165 евра, со вклучено свечено новогодишно мени.

Кај охридските ресторани нема големи разлики во понудата и цените во споредба со минатата година. Стандардно за новогодишните празници тие нудат добра забава со богато свечено новогодишно мени и цени меѓу 25 и 50 евра зависно локалот, што е на понуда, како и дали во цената е вклучен пијалок. Некои од рестораните во Охрид ќе работат и стандардно, со мени „а ла кард“ и стандардни цени на пијалоците, но секако со претходна резервација за место.

Она што е забележително оваа година е покачувањето на цената на менито за предновогодишните забави и прослави во рестораните низ градот каде менито е поскапо за двеста до триста денари.

Забава секако ќе има и за оние што сакаат Новата 2019 година да ја дочекаат во охридските кафулиња и ноќни клубови во поинаква атмосфера, со ди-џеј програма и гарантирана добра забава до раните утрински часови.

Секако во Охрид ќе има и гости сместени во приватните капацитети, каде цената изнесува од пет евра за ноќевање до над 50 евра за закуп на полуксузен апартман со повеќе легла.

Инаку, Охрид веќе е подготвен за новогодишните празници и најлудата ноќ. Градот е празнично украсен, чаршијата, централното градско подрачје и Кејот на езерото осветлени со соодветни реквизити.

Сепак, поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски општината го откажа годинешното издание на проектот претставен минатата година „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“ што требаше да стартува од 20 декември и да трае до 20 јануари 2019 година.

Програмата била веќе изготвена и букирани гостите што требаше да настапат во Охрид, сепак донесена е одлука оваа година да не се одржи главната програма и истата да
се пренесе за наредното издание. Од забавниот дел ќе се реализира делот од програмата предвиден за децата и најмладите гости во Охрид.