Собранието го донесе Законот за амнестија

Со 95 гласа „за“, без против и воздражни, Собранието вечерва го донесе по скратена постапка Законот за амнестија  за настаните од 27 април 2017 поднесен од група пратеници, кој е дел од планот за помирување инициран од власта.  Пред да биде гласањето пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски соопшти дека тој и пратеникот Панчо Минов се придружуваат на листата предлагачи на законот за кој Координативното тело за помирување денеска  постигна согласност.

Согласно Предлогот, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ.

Сите обвинети за насилствата во македонското Собрание од 27 април имаат право во рок од пет дена по донесувањето на законот да поднесат индивидуални барања за амнестија, а судот ќе донесе решение по мислење на ЈО, а врз основа на докази со кои располага. Секој обвинет индивидуално ќе може да поднесе барање до надлежниот обвинител и суд, а оти судот ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.

Пратеникот од осумтемина независни Зекир Рамчиловиќ, еден од предлагачите на законот, пред гласањето рече дека помирувањето е предизвик и исчекор, дека настаните од 27 април се болни, но во интерес на општото добро и просперитетот и иднината на Македонија, како што рече, треба да се надминат себеси, а  законот за амнестија ќе ги надмине поделбите во општеството и институциите ќе го продолжат процесот во интерес на правдата и вистината.

-Ние денес носиме политичка одлука со која не сакаме да го попречиме процесот што се води во судството. Иако таа линија е тенка, во изминатиот период работевме напорно за да дојдеме до такво решение. Верувам дека во тоа сме успеале. Ние, пратениците, треба да покажеме дека сме спремни и да простиме, и да си подадеме рака, и да се извиниме доклку згрешиме. Денес  е добар ден за тоа. Денес да почнеме со постапки кои ќе значат помирување, простување, извинување. Денес е ден кога со подадената рака за помирување од претседателот на Владата Зоран Заев, ние осум пратеници го започнавме овој процес на помирување кој треба да го прифатиме сите. Јас и пратениците од мојата пратеничка група, како и други пратеници, верувавме дека подадената рака е искрена но, пред се, дека е неопходна за просперитетот на нашето општество. Поради тоа ја прифативме и напорно работевме и работиме на надминување на сите елементи кои доведуваат до конфликти и казни. Сметаме дека помирувањето е неопходно и здраво за целокупниот процес, рече Рамчиловиќ.

Предлогот беше поднесен од пратениците Емилија Александрова, Фросина Ташевска Ременски, Зеќир Рамчиловиќ, Мухамед Зеќири, Горан Мисовски, Весел Мемеди, Соња Мираковска, Снежана Калеска Ванчева, Нола Исмајлоска, Јован Митрески, Владанка Авировиќ, Артан Груби, Бранко Маноиловски, Агим Шаќири, Павле Богоевски, Ирена Стефоска, Чедомир Саздовски, Далибор Богдановски, Костадин Ацевски, Елизабета Канческа Милевска, Мерал Узеири Ферати, а пред гласањето на оваа листа се придружија и Илија Димовски и Панчо Минов.

За Предлог-законот во целина по скратена постапка се гласаше откако двете комисии (матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-прваната комисија) вечерва заседаваа но, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, тие  не поднеле дополнет предлог на законот, бидејќи на нивните седници не беа усвоени амандамани што е услов за изготвување дополнет предлог.