Снегот и дождот ќе го зголемат нивото на водотеците

Поради релативно топлото време и позитивните температури на воздухот се очекува топење на снегот кој падна во изминатото деноноќие и тоа на местата пониски од 1.500 метри надморска висина со што ќе биде зголемен приливот на вода во речните корита и суводолиците, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Моментално протекот на вода во реките, додаваат, е под просекот или околу просекот за овој период од годината.

– Се очекува зголемување на водостојот на водотеците во западниот дел на земјава, како и во горниот дел од сливот на Вардар. Кај помалите реки и суводолиците можно е позначително зголемување на водостојот, додека кај поголемите реки освен извесно зголемување на водостојот не се очекува излевање на водата од речните корита, велат од УХМР и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на утрешниот ден.

Како што претходно информира УХМР,  под влијание на потопол влажен бран од денеска кон крајот на денот, како и во текот на утрешниот ден најпрво во западните, а потоа и во останатите делови од земјата ќе има врнежи од дожд кои на места во западните делови се очекува да бидат пообилни и локално да наврнат над 40 литри на квадратен метар.