СКСЗМ : Владата да ги вклучи малите и средни компании во Законот за поддршка на инвестициите

Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) и препорачува на Владата да ги вклучи микро, малите и средните претпријатија во предлог-текстот на законот за финансиска поддршка на инвестициите, а не тие да бидат регулирани со подзаконски акти.

Покрај тоа, препорачува да се прошири листата на секторите кои имаат голем потенцијал за развој на економијата, да се работи паралелно на законот и на потребните прописи за негово спроведување, да се координира со другите надлежни органи за да се отстранат евентуалните судири со другите закони, да се обезбедат конкретни мерки за компаниите од руралните средини и да се определат одредби за отстранување на човечкиот фактор во постапката при одлучување за доделување на финасиската помош.

– Овие забелешки ги даваме бидејќи сакаме да се вклучиме во јавната дебата за законот и да стимулираме дебата за законот што го оценуваме како многу важен. Ние сме коректори на економските политики и остануваме посветени да ја помагаме државата во економскиот развој и раст, рече извршниот директор на СКСМ Дриљон Исени на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека поставањето на нацрт-законот на ЕНЕР на 15 февруари, СКСЗМ направи анализа на предлогот и споредба со сличните закони во земјите од регионот.

– Нормално е што ние го анализираме законот додека тече рокот за јавна консултација и даваме наш придонес кон негово подобрување. Нашите препораки во консултација со членството ќе бидат испратени до Владата и ќе бидат прикачени во ЕНЕР системот за регулативата, рече Исени и додаде дека СКСЗМ е подготвена да ги поддржи сите иницијативи за развојни политики во земјава, особено за поддршка на бизнисот, но посочи дека мора да бидат инклузивни и јасни.

Нашите анализи, потенцира, покажуваат дека предлог законот се објави со видливо закаснување и оти однапред требало да биде земен во предвид фактот дека може да биде во судир со одредени закони, а пред се со законите што ја одредуваат државната помош. Сметаат дека донесувањето на законот во Собранието ќе ја одложи можноста за користење на овие средства од бизнисите таргетирани со третиот столб, односно малите и средните претпријатија за кои е предвидено да се изработат подзаконски акти. Ваквото регулирање на помошта, потенцира Исени, создава правна несигурност кај малите и средните претпријатија.

Не е предвидена, посочи, никаква надлежност на Комисијата за заштита на конкуренцијата, освен за инвестиции над 50 милиони евра кога давателот на државната помош треба само да ја извести Комисијата. Тоа, според нив, остава можност за критики од Европската комисија. Со законот се исклучуваат некои дејности како што се услугите и се протежираат трудоинтензивните дејности, а не оние кои создаваат производи со висока додадена вредност. Воедно не е вклучен и концептот за рамномерен регионален развој и за обука на стручен кадар