Скопје има само шест прскалки место шеесет

„Комунална хигиена“ го чисти Скопје со само 26 камиони за ѓубре, а за миење улици во функција се останати само шест прскалки. Пред триесетина години градот имал над 40 прскалки, а сега, со новите населби и зголемениот број на улици, би требало да има над 60.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера посочи дека во последните 10 години не е купен ниту еден камион за собирање смет, па „Комунална хигиена“ работи деноноќно за главниот град да не потоне во ѓубре. Тој апелираше до скопјани што повеќе да селектираат и да одвојуваат сѐ што е корисно и што може да оди на рециклирање.

„Не смееме да дозволиме материјали како пластика или стакло да заминат на депонија. На тој начин ќе се постигне Скопје да биде чист град бидејќи тоа е обврска на сите нас заедно“, рече Шилегов

Тој најави дека „Комунална хигиена“ ќе го селектира отпадот од пластика, хартија, стакло и други употребливи материјали, пред да биде испратен на депонијата „Дрисла“. Рециклажниот двор на јавното претпријатие во Општината Карпош деновиве беше исчистен од натрупаното ѓубре, а локацијата ќе се користи за селекција на секундарни суровини, кои потоа ќе се испратат на рециклирање.

Сите граѓани што самите дома одвојуваат картони, стакло, пластика, а имаат и различни електрични и електронски апарати кои се расипани, можат да ги донесат во рециклажниот двор. Дополнително, вработени во „Комунална хигиена“ ќе го прегледуваат останатиот смет што се собира од Скопје и ќе ги одвојуваат материјалите кои можат да се рециклираат. Во првите три месеци од годинава оттука на рециклирање заминале 6.000 килограми хартија и картони, 24.400 килограми стакло и 215 килограми ПЕТ-пластика и најлони.

Шилегов најави дека Градот до крајот на годината ќе спроведе неколку јавни набавки со кои ќе се дополни инфраструктурата на јавното претпријатие. Ќе бидат набавени контејнери за селектирање на различни видови отпад, кои ќе бидат поставени на различни локации низ градот, каде што досега немаше.

„Рециклажниот двор беше една голема дива депонија во која имаше повеќе од 1.200 кубни метри смет, која беше опасност за загадување на воздухот во Карпош, бидејќи дури и во зимските месеци често беше опожарувана. Сега е расчистена и ќе функционира центар за рециклирање по европски терк. На ова место од денеска ќе се врши селекција за рециклажа на отпадот. Ова е местото кое, заедно со Момин Поток, беше снимано со дрон од граѓаните. Од денеска на оваа локација наместо дива депонија имаме рециклажен двор. Овде отпадот внимателно ќе се селектира и притоа еден дел ќе се носи во ‘Дрисла’, а дел ќе се рециклира“, кажа Шилегов.

Сања Наумовска