Скопјани протестираа за чист воздух

Организирани преку социјалните мрежи, со заштитни маски и пароли за чист воздух, денеска жителите на Скопје протестираа пред зградата на Владата на РМ.

„Јас денеска сум тука за да протестирам за чист воздух. Нема воздух, не можеме да дишеме. Дишам отров, токсини, пластики, хемикалии и сè најлошо што постои, само чист воздух нема“, изјави Ѓила Челику.

Веќе неколку дена родителите преку социјалните мрежи бараат бојкот на наставата поради загадениот воздух. Бојкотот е најавен да почне на 20 декември. Во врска со бојкот на наставата, од Министерството за образование велат дека со внимание ја следат состојбата со загадениот воздух.

Сепак, според  Министерството за образование и наука, прекинувањето на наставата може да се направи само со предлог на надлежните институции. Тие велат дека доколку се оцени дека воздухот во одредени општини е многу загаден, не се исклучува можноста наставата да се прекине или порано да почне зимскиот распуст.