Скопјани постојано бараат промени во мрежата на автобуски линии


Во главниот град има потреба од промени во постојната мрежа на автобуски линии и од воведување нови градски и приградски линии. Скопјани велат дека постојните автобуски линии се недоволни и оти мора некогаш да менуваат по два или три автобуси за да стигнат на училиште или на работа. Реагираат на преполните автобуси и на доцнењата, сметаат дека тие се ретки навечер, за време на викенд, празници и за летниот период.

Постапка за воведување нови автобуски линии

Линискиот превоз на патници на територијата на главниот град го уредува Советот на Град Скопје, во согласност со член 22 од Законот за превоз во патниот сообраќај, и се однесува на 10-те градски општини. Согласно овој закон, член 22-а Град Скопје има склучено договор со скопските приградски општини за линиски превоз на патници и на нивната територија. Постапката попрецизно е дефинирана и во Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје.

автобуска табла

Превозници, урбани, месни заедници, институции, здруженија и граѓани можат да иницираат воведување нови линии што не се содржани во мрежата на автобуски линии, како и продолжување, скратување и укинување на постојните автобуски линии. За тоа одлучува Советот на Град Скопје, врз основа на претходно истражување и анализи направени од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ како носител на системот за линиски превоз на патници на подрачјето на сите општини во Град Скопје.

Заинтересираните треба да поднесат барање за воведување, продолжување и скратување до Секторот за сообраќај при Град Скопје, кое се препраќа до ЈСП „Скопје“. Притоа стручни лица од Секторот за сообраќај и ЈСП „Скопје“ ги утврдуваат сообраќајно-техничките, безбедносни, економски и други услови. Се разгледува дали има техничка можност автобусот да поминува по трасата, земајќи ги предвид  микро и макро локацијата за утврдување на автобуските стојалишта по дефинирање на трасата.

автобуска

Како резултат на анализата, одговорот може да биде негативен, позитивен, но и може да има потреба од воведување пробна линија поради тестирање, испитување на оправданоста од воведување нова линија. Пробната линија е со тест период од три месеци со можност за продолжување на уште три месеци или вкупно шест месеци. Доколку се утврди за позитивно воведувањето на линијата, како Предлог-одлука за измена и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје, со конкретната линија се доставува до Советот на Град Скопје.

Од Секторот за сообраќај соопштија дека имаат по пет-шест барања месечно, најчесто од поединци или група граѓани. Тие најчесто бараат измени или усогласување на времето на движење на автобусите, односно да тргнуваат пет минути порано или подоцна.

Приватните превозници и граѓаните бараат засилување на возниот ред

Во приватниот превоз во Скопје се вклучени „Слобода превоз“ и „Макекспрес превоз“.

Ленин интервју

Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“ изјави дека имаат големи поплаки од граѓаните.

-Граѓаните се жалат дека нашите автобуси се преполни во одредени часови од денот, па мора да чекаат други за да се качат. Ова особено важи за автобусите со број 23 и 9, рече Јовановски. Граѓаните се жалат што автобусите застануваат на секоја станица, што е обврска на возачите, без разлика дали има патници или не.

Војо Велески, еден од основачите на „МАКекспрес превоз“-Скопје изјави дека постојниот возен ред не ги задоволува потребите на граѓаните. На пример, жителите кои ги користат автобуските линии со број 19, 20 и 22 бараат засилување на возниот ред. Вели дека граѓаните реагираат особено за трите сообраќајни шпица, од 6 до 9 часот, од 12 до 17 часот и од 19 до 20:30 часот, и барат бројот на возила да се зголеми особено во овие периоди.

Велески посочи дека жителите од населбата Лисиче се жалат оти не се поврзани со гробиштата Бутел  и бараат постојната автобуска линија со број 20 да се продолжи од Транспортниот центар до населбата Лисиче.

Приватните превозници велат дека имаат доставено барања до Град Скопје за зголемување на обемот на работа на линиите кои ги одржуваат, за 19, 20 и 22.

Став на ЈСП Скопје

– Нови линии, продолжување на постоечките или корекции во возниот ред не е моја одлука, ниту самостојна на претпријатието, туку генерално целата постапка се процесуира преку Град Скопје и со дозвола на Советот. Факт е дека многу често има барања од тој тип. Дел од нив се од страна на корисниците на нашиот превоз, а делумно бараат и приватните превозници, изјави в.д. директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.

Тој вели дека корекциите по било кој основ се прават по детална анализа на фактичката состојба на терен, а предвид се зема и економската оправданост на евентуалното функционирање на линијата, како и расположливоста на возниот парк во определен момент.

-Апсурдно е на пример возниот ред на одредени приградски линии да е ист преку целата година. На пример за време на летниот распуст автобусот вози само за тројца патници. Истото важи и за најфреквентните линии кои се редуцирани за време на годишните одмори. Истовремено нема логика двокатен автобус да сообраќа вон урбана средина, пред се поради несоодветната инфраструктура, а имаше такви барања, рече Чушков.

Последен пат во Скопје е воведена автобуската линија со број 28 која сообраќа од Транспортен центар – Нерези (Македонско село). Минатата година е направена измена во приватната линија со број 73, која доби нова траса, од Скопски Саем до село Усје. Овој автобус претходно тргнуваше од Транспортен центар до село Усје.

(Магдалена Ристоманов/МИА)