Сите во здравството сакаат големи плати

Дали Министерството за здравство ќе им излезе во пресрет на здравствените работници и тие, како и лекарите специјалисти, да добијат 10 отсто повисока плата од јануари? Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ, вели дека ќе чекаат на средба со министерот за здравство до петок за да добијат одговори за нивните барања. Незадоволни се со предложеното зголемување на коефициентот на сложеност за јануарската плата, кое за докторите специјалисти изнесува 10 отсто, а пет отсто за здравствените работници и соработници. Тоа, според Синдикатот, создава поделба меѓу членството бидејќи длабоко се навлегува во меѓучовечките односи и ја нарушува тимската работа.

„В петок треба да имаме средба со министерот за здравство за да ни каже што одлучиле. Требаше да имаме средба вчера, но се одложи“, вели Беговиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, во текот на оваа недела имал и ќе има состаноци со претставниците на здруженијата и Комората на медицински сестри, на кои разговара за нивните барања и бара решение, но потенцира дека буџетот на Министерство за плати е веќе одреден.

„Направивме многу напори и не само што докторите ќе добијат 10 отсто зголемување на платата од јануари 2019 година, туку зголемување ќе добијат и медицинските сестри, кои беа планирани за петпроцентно зголемување на платата од септември, а ќе го добијат од јануари. Меѓутоа, медицинските сестри имаат дополнителни барања. Имавме многубројни состаноци викендот и минатата недела, тие продолжуваат и неделава, за да видиме кои се нивните барања. Нашиот буџет за зголемување на платите во здравството е тој што е одреден. Сепак, нема да застанеме со комуникацијата и деновиве имаме состаноци со претставниците на здруженијата и Комората на медицински сестри да видиме кои се нивните вистински барања и да видиме дали воопшто можеме да излеземе во пресрет“, рече Филипче.

И Унијата на сестри реагираше на нееднаквото зголемување на платите.

„Едно зголемување на платите од пет проценти имаше во септември. Ова беше планирано за септември 2019 година, но обезбедивме дополнителна сума пари за ова зголемување да почне од јануари“, додаде Филипче.

Инаку, од Синдикатот изразија јавна поддршка за двојното зголемување на платите на здравствените работници и докторите специјалисти во терцијарното здравство до 100.000 денари. Делумно се задоволни од зголемувањето на коефициентот на ноќниот труд, за кој сметаат дека има простор и треба и понатаму да преговараат.

 

В понеделник јавна дебата за новиот Клинички центар

 

Следниот понеделник ќе има јавна дебата во Собранието на Македонија за сите анализи што се направени, а се однесуваат на трите локации за изградба на новиот Клинички центар, најави министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за локации во Злокуќани, Општина Гази Баба и во Општина Ѓорче Петров.

„Сакаме да го направиме тоа јавно и транспарентно, да укажеме на сите предности и недостатоци на секоја од тие локации и да видиме која од нив е најпогодна, најбрза и најевтина за да почне изградбата на новиот Клинички центар“, рече Филипче. Министерот верува дека со динамиката со која работат ќе може идната година да ги постават темелите на новиот Клинички центар.

 

Вероника Мароска-Леова