Син на пратеничка станал инспектор, иако е фармацевтски техничар

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија уште еден пример на непотизам во СДСМ. Синот на пратеничката од Радовиш, Милева Ѓорѓиева станал инспектор за јавна безбедност во МВР без огласување на јавен оглас.

„Патем мора да потенцираме дека синот Стојче е пријавен на оваа работна позиција со средна стручна спрема: фармацевтски техничар. Фармацевтски техничар како инспектор за јавна безбедност. Дали е тоа така само затоа што е син на Милева Ѓорѓиева? Ова веќе е болна работа, ова веќе  е епидемија на непотизам кое може да се реши само на еден начин. А тоа е СДСМ да не бега од избори и излезе на избори каде што народот ќе си го каже своето мислење за нив“, вели партискиот портпарол Димче Арсовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ и препорачаа на другата пратеничка, Мира Стојчевска да го земе 11 февруари за куќна слава, затоа што на тој ден државна работа добија нејзиниот син и брат, а сопругот доби унапредување во Шумската полиција во Делчево.