Синот и братот на Стојчевска заедно тргнаа на работа

Од ВМРО-ДПМНЕ изразија загриженост за пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска, која преку медиумите разбрала дека нејзиниот син Виктор конкурирал за државна работа во ЕЛЕМ и притоа ја добил. Најголемата опозициска партија реши да и помогне на Стојчевска и да и соопшти оти и нејзиниот брат добил државно вработување во РЕК Битола.

„Еве и шанса на Мира Дизел Стојчевска да се јави кај нејзиниот брат и да го праша дали и тој е ангажиран во ЕЛЕМ, односно во РЕК Битола? Дали е на определено или неопределено време? Дали и тој стартува со работа од 11 февруари? Според нашите информации, датумот на спроведување на вработувањето на синот и братот на Стојќевска, во Агенцијата за вработување се на 9 февруари, односно во саботата, а изборите се распишани во петокот. Првиот работен ден на Виктор и на брат и на Мира, бил вчера, три дена после распишувањето на претседателските избори од страна на Собранието.

Дали е точно и како е можно да син и на Мира Стојчевска да биде пријавен за вработен во државната ЕЛЕМ ден после распишување на претседателските избори во Собранието? Премногу е симптоматично исто така, како е можно сите блиски роднини на функционерите од власта токму сега да добијат шанса за вработувања и тоа баш во институциите и претпријатијата каде што платите се многу повеќе од 500 евра просечната плата која што ја ветуваше Зоран Заев пред изборите. Но, еве најверојатно тоа е дел од планот на СДСМ и владата за покачување на просечната плата, така што ќе си ги вработат своите роднини на места каде што ќе земаат многу повисока плата од просечната за сметка на сите оние граѓани кои што земаат далеку пониска плата од просечната“, поентираат во ВМРО-ДПМНЕ.