Се шират истрагите за „Друмарина“ и „Странски служби“

Специјалното јавно обвинителство, врз основа на уште еден прислушуван разговор, истражува дали има доволно елементи за покренување кривична одговорност за уште еден пратеник кој ги злоупотребил патните трошоци. Ова го потврди специјалната обвинителка Катица Јанева, чие обвинителство пред неколку дена отвори нова истрага „Друмарина“, каде што осомничена е поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

„Злоупотребата на патните трошоци може да истражува и јавното обвинителство. Има разговор и за други пратеници. Мора да имаме надлежност, но мислам дека СЈО  не е спречено да продолжи, а можеби и ќе соработуваме во тој дел. Инаку  има уште еден разговор за друг пратеник кој го истражуваме“, соопшти Јанева.

Ќе се проширува и истрагата за случајот „Странски служби“, врз основа на изјавата на Павле Трајанов дека Груевски со извештај ги убедувал коалиционите партнери дека странска служба прислушува во Македонија. Јанева не откри дали компанијата која го изготвила извештајот и ја набавила опремата е од Израел.

„Лично бев изненадена од снимките во медиумите. Секоја изјава е добредојдена“, изјави Јанева.