Се утврдува дали има пропуст во текот на лекувањето на трите деца со дијабетес

Во тек е процедура во институциите за утврдување дали има пропуст во стручноста во водењето на трите деца со дијабетес тип 1, од Свети Николе, Гевгелија и Охрид, кои во состојба на кетоацидоза се примени во Клиничкиот центар во Скопје.

Ова денеска го изјавија претседателот на Лекарската комора на Македонија Калина Гривчева Старделова и Катарина Ставриќ од Клиниката за детски болести.

– Првото дете од Свети Николе е примено во добра општа состојба и после неколку дена е испишано. Тоа брзо било препозанено и упатено на Клиника. Второто дете од Гевгелија се уште е на Оддел во Детската клиника. Тоа е донесено во состојба на кетоацидоза, брзо е извлечено од таа состојба и е стабилно, рече Ставриќ и додаде дека во тек е процес на едукација на родителите на второто дете за справување со неговата болест негова и изрази надеж дека и тоа брзо ќе биде пуштено дома.

Ставриќ посочи дека третото дете од Охрид е донесено на Клиниката со возило на Итната медицинска помош и поради возраста и сериозноста на состојбата веднаш е упатено на КАРИЛ.

Таа додаде дека една третина од децата со новооткриен дијабетес доаѓаат на Клиниката во стостојба на кетоацидоза, која е животозагрозувачка состојба.

Претседателот на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК Наташа Димитриевска рече дека бараат што побрзо да се истражи случајот, бидејќи, според нив, поради погрешно утврдена дијагноза трите деца биле доведени во животозагрозувачка состојба.