Се разбуди правната држава

Откако ВМРО-ДПМНЕ одговори со протести и со блокирањето на улиците поради последните апсења поврзани со 27 април, се отвори дилемата дали Македонија влегува повторно во период на политичка нестабилност и дали може да биде нарушена безбедноста. И претседателот Ѓорѓе Иванов оцени дека ваквите акции внесуваат страв и несигурност и можат да доведат до политички тензии.

Познавачите на политичките прилики во земјава сепак смируваат дека поранешниот премиер Никола Груевски и неговата партија немаат капацитет да ја нарушат политичката ситуација во земјава. Во изјава за „Независен весник“, воениот аналитичар Благоја Марковски излезе со смирувачки тонови и со апел да се оставаат релевантните институции што го започнаа процесот да го завршат. Според Марковски, конечно во Македонија преовладува правната држава а протестите и блокадите на улиците што ги организира ВМРО – ДПМНЕ нема да влијаат врз целокупната безбедност на земјата и врз сигурноста на граѓаните.

“Безбедносната ситуација во Македонија е релативно стабилна. Настаните што го отсликаа вчерашниот ден фактички се одраз на дејствувањето на правната држава. Од тој аспект нема никакви оправдувања за било какви негативни реакции кои би ја загрозиле безбедноста во Македонија. Од друга страна, сметам дека поединци или помали групи што се уште го подржуваат поранешниот режим и најтесното раководство на ВМРО – ДПМНЕ немаат доволно капацитет да предизвикаат било какви безбедносни пореметувања, и оттука во наредниот период можат да се појавуваат блокади на крстосниците и слични инциденти, но не може да се случи нешто покрупно што би ги загрижило граѓаните на Македонија дека безбедноста во земјата битно ќе се влоши. Оттука, граѓаните треба да бидат спокојни. Да го препуштиме решавањето на ситуацијата на институциите што очигледно покажуваат капацитет дека можат веќе да се справуваат со вакви состојби“, изјави воениот аналитичар Благоја Марковски за „Независен весник“.

Сопственикот на дневниот весник „Лајм“, Фејзи Хајдари, пак е умерен во неговата изјава. Иако Хајдари е на иста линија со Марковски дека апсењата се најдобар доказ дека правната држава профункционирала, сепак тој е песимист дека оваа започната акција на крајот ќе го има зацртаниот ефект. Се додека ДУИ е дел од владата на Заев, Хајдари не очекува резултати какви што им се ветени на граѓаните.

„Оваа акција во моментов заслужува целосна поддршка, бидејќи ниеден процес во Македонија не може да оди напред без да се расветлат контроверзните случаи за време на владата на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ , како и без да се осудат вистинските виновници за тие случаи. Но, лично сум скептичен дека акцијата може да ја постигне својата цел, се додека како дел од владата на Заев остане најверната структура на минатиот режим. Поради ова, сметам дека е крајно време првиот човек на егзекутивната власт, Зоран Заев, уште еднаш да ги изброи пратениците, да ја разгледа можноста за формирање влада без остатоците од времето на владеењето на Груевски. Инаку, се плашам дека сè може да заврши како театар без никаков епилог каков што го очекуваат граѓаните, ” рече Хајдари.

За настаната ситуација се огласи и Владата, од каде што изјавија дека цврсто веруваат во капацитетите на релеватните институции да се справат со истата и за конечно да го решат случајот со крвавиот четврток на 27 април.
„Наша оценка е дека институциите имаат задача да го расветлат случајот поради потребата за правда и владеење на правото во Република Македонија, и истиот ден никогаш повеќе да не се повтори“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Блерим Исмаили