Се престројуваат и парламентот и Владата

Покрупни промени во кабинетот на премиерот Зоран Заев навестија набиените политички случува во текот на вчерашниот ден. Министерот без ресор за унапредување на правата на Ромите, Самка Ибраимовски, најави дека ќе се пресели во парламентот, на местото на еден од поискусните пратеници на СДСМ, Васко Ковачевски, кој, пак, заминува на директорска функција во РЕК „Битола“.
Овие трансфери дојдоа сосема ненајавено, во период кога во Собранието се тактизира и со констатирањето на оставките на членовите на ДИК, за стариот состав на Комисијата да може да ги испрати известувањата за следните пратеници на листите на СДСМ во првата и во петтата изборна единица, на местата на Стево Пендаровски и на Ковачевски. Откако Пендаровски беше назначен за национален координатор за НАТО, неговото место во законодавниот дом се очекува да го заземе Далибор Богдановски, кој на неодамнешните локални избори беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Сопиште.
Проценките се дека овие промени во парламентот се со цел да се обезбеди сигурно апсолутно мнозинство (најмалку 61 глас) во наредниот период – за избор на новите министри и за дел од законите што следуваат. Во таа насока, според информациите, се очекува асистенција и од дел пратеници од помалите партии кои влегоа во парламентот од листата на ВМРО-ДПМНЕ. Пред сѐ, се спомнува партијата ГРОМ, откако Чедомир Саздов почна да дејствува како независен пратеник и да ги поддржува владејачките предлози, а Панчо Минов е единствениот опозициски пратеник што последниве недели се појавува во парламентот, откако ВМРО-ДПМНЕ е во „тивок бојкот“.
Во изјави за медиумите, и Ковачевски и Ибраимовски не исклучија можност од поголеми престројувања во владиниот кабинет, наспроти првичните најави дека се решава само за испразнетото место во Министерството за здравство.
– Она што јас го имам како информација е дека првиот нареден пратеник на листата е Ибраимовски. Тој ќе ја напушти функцијата министер. За сите други кадровски промени очекуваме деновиве да се огласи премиерот Заев – рече Ковачевски.
Ибраимовски изјави дека ќе има новини и, како што рече, турбуленции во владиниот кабинет.
– Не можам конкретно сѐ да кажам, но ќе има промени. Еве, моето место не е потполнето, местото министер без ресор, за здравство… Ќе има повеќе новини и турбуленции во местата. Очекувам дека ќе има постабилна Влада, дека ќе продолжат реформите, како што сме започнале, тука не застануваме и сметам дека ќе има квалитетни министри и од едната и од другата страна. Ќе покаже времето како ќе се движат работите. Но верувам во премиерот и во Владата – дека ќе има просперитет и иднина во Македонија – изјави Ибраимовски.
Тој најави дека влегува во парламентот затоа што Ромите, како што рече, таму немаат свој претставник.
– На мојата министерска функција исто така ќе биде Ром – интелектуалец, адвокат со големо искуство и сметам дека ќе ја продолжи програмата на мојот кабинет – изјави Ибраимовски.
Иако имаше најави дека „Алијансата за Албанците“ е на чекор да излезе од владејачката коалиција, последните информации се дека е можно Зијадин Села, сепак, да остане партнер во Владата, и покрај нетрпеливоста со ДУИ и Али Ахмети. Се очекува во текот на викендот Зијадин Села да се врати во Македонија, по што би станала појасна неговата позиција во однос на СДСМ и на ДУИ, откако пред неколку дена не се одржа средбата меѓу коалициските партнери што ја најави Заев, а на која, според информациите, првично било најавено дека ќе дојде Арбен Таравари, како претставник на „Алијансата“.
Сепак, шансите „Алијансата“ да го задржи министерското место во здравство изгледаат сѐ помали, односно станува сѐ поизвесно дека тоа место ќе му припадне на Венко Филипче, како кадар на СДСМ. Сега, прашање е дали Села, доколку остане во коалицијата, би го добил новото вицепремиерско место за реформи што се спомнуваше претходно или некој друг ресор, со оглед на тоа што веќе не се исклучува можност од промени и рокади и во други ресори.
Повторно „во игра“ за промени е и Министерството за правда, преку кое би требало да се спроведе најголем дел од реформите од планот 3-6-9 во наредниот период. За тоа место се спомнува повторно актуелната министерка за образование Рената Тренеска-Дескоска, како кадар на СДСМ. Во таков случај, Министерството за образование би го добила ДУИ или евентуално „Алијансата за Албанците“. Неофицијално, во краен случај, не се исклучува ниту можност од промени во Министерството за транспорт и врски и во Секретаријатот за европски прашања, каде што министеруваат сега Горан Сугарески од СДСМ и Бујар Османи од ДУИ, доколку, како што се наведува, се јави потреба од ротации меѓу коалициските партнери или од кадровски приспособувања во однос на спроведувањето на реформите што претстојат под мониторинг на Брисел. Освен тоа, останува да се пополни едно министерско место без ресор, откако Рамиз Мерко од ДУИ стана градоначалник на Струга, како и едно заменичко место – во образование, што го напушти новиот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.
Актуелниот министер за правда, Билент Салиу, вчера, на прашање дали ќе ја задржи министерската функција, изјави само дека тоа зависи од договорот меѓу политичките партии во Владата. Неговиот сопартиец од ДУИ, пратеникот Артан Груби, пак, потврдува дека се завршени разговорите меѓу Заев и Али Ахмети во врска со промените во владиниот состав.

Александра М. Митевска