Се заострува спорот во Грција околу ставот за името

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој е лидер на помалиот член во владејачката коалиција “Независни Грци” (Анел), ќе иницира состанок на лидерите на политичките партии со претседателот на државата на кој повторно ќе се отвори прашањето дали зборот Македонија треба да биде вклучен во прифатливото решение за Атина.
“Ние остануваме на нашиот став дека сме против употребата на терминот Македонија”, рече Каменос. Притоа тој нагласи дека неговиот став во врска со ова прашање не треба да се толкува како критика за работата на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, кој според него е досега најдобриот грчки министер за надворешни работи.
Каменос, исто така, смета дека договорот за името треба да добие апсолутно мнозинство во парламентот, што е спротивно на ставот на министерот Коѕиас и на владата.
Партијата на Каменос, „Независни Грци“ има девет пратеници во грчкиот парламент, овозможувајќи и на владата на Алексис Ципрас да има мнозинство од 153 пратеници во парламентот од 300 места.
На неговите пораки реагираше поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, потсетувајќи го дека за време на владеењето на Костас Караманлис, кој беше премиер од 2004-2009, тој самиот го прифатил двапати ставот за сложено име со географска одредница. На тоа реагираше портпаролот на владата, порачувајќи и дека надворешна политика не се води преку Твитер и дека таа треба да го знае тоа најдобро. Тој регираше и на критиките на Бакојани, која ја обвини владата за влегување во преговори со Македонија “со две спротивставени позиции”, што според неа е осудено на неуспех.
“Што се однесува до суштината на ова прашање, би сакале да ја информираме дека владата има волја и способност да го реши проблемот што го наследи Грција од нејзината партија”, изјави владиниот портпарол.
Во меѓувреме, владините извори ги негираа шпекулациите дека премиерот Алексис Ципрас, може да се сретне со премиерот Зоран Заев, во првите денови на 2018 година. Заев ќе биде во Солун за новогодишните празници, на покана на градоначалникот на градот Јанис Бутарис.