Села ниту излегува од владата ниту се откажуваат од здравство

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села попладнево по состанокот на Централното собрание што се одржа во Гостивар изјави дека не ја напуштат владината коалиција и оти верува дека со премиерот Зоран Заев повторно ќе се сретнат околу условите за нивното останување во коалицијата.

– Одлуката ја има донесено премиерот, а тој одлучил да има само пополнување на празните места кои како последица на локалните избори и изборот на нашиот кандидат за градоначалник во Гостивар, треба да се пополнат со нови имиња. Не се работи за реконструкција на Владата, туку за пополнување на испразнетите места, изјави Села одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ја напуштат владината коалиција.

Тој додаде дека Министерството за здравство и припаѓа на Алијансата за Албанците и оти во моментот не се работи за реконструкција на Владата.

– Алијансата на Албанците има доставено име за министер за здравство и неколку пати премиерот има изјавено дека не се работи за реконструкција на Владата. Ако има реконструкција тогаш ќе гледаме и ќе одлучиме, рече Села.

На новинарско прашање дали ќе гласаат за избор на нов министер за здравство во Собранието, Села не одговори прецизно, притоа посочувајќи дека партијата во моментот нема функционални органи и за одлуките решаат претседателот на партијата и комисијата за организирање на конгресот.

На состанокот во Гостивар, како што посочи Села, не се разговарало за излегување од Владата, туку биле разгледани извештаите од локалните избори и било разговарано за подготовките за партискиот конгрес којшто ќе се одржи во март.

– Немавме точка на дневен ред за истапување од владината коалиција. Мислам дека не заслужува никој од политичките актери, заради нивни игри, ние на Централното собрание да дискутираме за таквите ниски игри, изјави Села.