Села ниту во Владата ниту надвор од неа

Иако во јавноста наголемо се разговара за евентуалното излегување на „Алијансата за Албанците“ од владата, Зијадин Села сепак не најавува повлекување и уште повеќе не се откажува од ресорот здравство бидејќи, според него, ѝ припаднал на неговата партија кога преговарале за формирање влада. Села за новинарите изјави дека немале ни намера на централниот комитет на коалицијата да разговараат за темата останување или излегување од владата.

„Ова прашање не беше ниту малку на дневен ред. Не знам од каде произлегле овие информации дека ќе разговараме на таа тема. Ние како централен комитет сме за реализирање на нашата програма во која ветивме деблокирање на евроинтегративниот процес, ветивме една од главните државни институции да биде водена од Албанец, со закон да се реши употребата на албанскиот јазик и да имаат судска разрешница политички монтираните процеси што се веќе започнати. Тоа што се знае е тоа што и самиот премиер го изјави, дека не се работи за реконструкција на Владата, туку само за надополнување на празните места како резултат на локалните избори. Празното место што остана во Владата и кое ѝ припаѓаше на нашата коалиција е здравството и истото и понатаму ѝ припаѓа на ‘Алијансата за Албанците’, така што за истото нема зошто да разговараме“, изјави Села.

Ако се земе предвид дека Владата официјално ги упати до парламентот и до Талат Џафери предлозите за кандидати за празните функции, на новинарското прашање каков ќе биде наредниот чекор ако истите бидат изгласани, Села остана без конкретен одговор.
„Ќе видиме кога ќе бидат изгласани во законодавниот дом. Ние имаме принципиелни ставови. За наредните чекори, ќе бидете дополнително известени“, рече Села.

Сепак, централниот комитет на „Алијансата за Албанците“ на седницата донесе две решенија. Првото решение е на 11 март следната година да го одржи конгресот на кој ќе се изберат нов претседател, потпретседател, ново централно раководство и парламентарци. Како одговорен за негово организирање едногласно е избран актуелниот градоначалник на Гостивар и поранешен прв човек на ресорот здравство, Арбен Таравари.

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, вчера преку социјалните мрежи им возврати на Села и на неговите партнери да не губат повеќе време разговарајќи за веќе решени прашања околу местата во владиниот кабинет.

„Апсурдно е наводно да одлучуваш за нешто што веќе е одлучено и никогаш не зависело од тебе“, напиша Груби.

Во јавноста се појавија и официјалните документи потпишани од премиерот Заев, а испратени до парламентот, од кои се гледа дека го предлага Арбр Адеми за заменик-министер за образование, Аксел Ахмедовски за министер без ресор и д-р Венко Филипче за нов министер за здравство.

Блерим Исмаили