Секој петти жител ја напуштил БиХ во изминатите 25 години


Босна и Херцеговина од војната ја напуштил секој петти жител, што предизвикува бројни проблеми кои заедно со лошата економска ситуација, не даваат добра слика за иднината на луѓето во таа држава, пишува весникот „Независне новине“.

Од сите држави на Зпаден Балкан, БиХ има најголем негативен прираст на население, но истовремено е втора по процес на заминување, веднаш зад Македонија. Тоа се податоци од извештај на Меѓународниот монетарен фонд за БиХ.

Според податоците на ММФ, добиени со помош на Европската агенција за статистика, БДП е 30 отсто од европскиот просек, српскиот 36 отсто, македонскиот 39 отсто, црногорскиот 41 отсто, хрватскиот 60 отсто и словенечкиот 82 отсто.

Според тие податоци, од 2000 година досега популацијата во БиХ е намалена за пет отсто, а од 1990 до денес, БиХ ја напуштиле повеќе од 20 отсто жители. Сето тоа како што предупредуваат има негативен ефект врз економијата, а реалната стапка на невработеност е најголема во регионот.

– Ниската стапка на наталитетот и високата стапка на заминувањето на младите и образованите во напредните држави на Европа, ги влошуваат демографските притисоци и сериозно влијаат на економскиот потенцијал и трошоците на давање услуги, се наведува во извештајот.

Тоа се одразува и на бруто домашниот производ по глава на жител, кој е најнизок во регионот.

Гледајќи на цел Западен Балкан, од БиХ единствено полоша е Албанија, чиј БДП по глава на жител изнесува 22 отсто од европскиот просек, наведува весникот.