СДСМ чека Заев да се врати од скијање и да пресече

По кусата средба во Приштина со косовскиот колега Рамуш Харадинај, македонскиот премиер Зоран Заев замина на еднонеделен зимски одмор во Германија. Неговото враќање е предвидено во недела вечер, по што би требало да биде познат и одговорот од социјалдемократите на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори. Во моментов, веројатно, само тој знае дали пролетва ќе гласаме и за претседател на државата и за пратеници и влада, а од партијата велат дека се подготвени да се соочат со народот.

Пред да замине на скијање, претседателот на СДСМ имал неколку средби во партијата каде што се дискутирало по барањата на опозицијата. Во недостиг од официјални информации, партиски извори брифираат оти кај него лично преовладувало мислењето да не се оди на предвремени избори.

Тој навистина верува дека ова е година на економијата и сака фокусот да го насочиме кон тоа. Смета дека сега, откако процесот за името е завршен, нема веќе изговори за обезбедување подобар живот за граѓаните. Ставот на премиерот е дека претседателските избори нема да им наштетат премногу на процесите, затоа што кандидатот ќе си тера кампања, ќе му биде обезбеден тим што ќе му стои на располагање, а другите во Владата ќе можат да си го работат своето. Доколку има и предвремени, ќе има и техничка влада и практично целата држава ќе биде во застој додека заврши гласањето, а потоа и додека се формира влада“, тврди функционер на СДСМ.

Ќе им дадеме техничка влада

Тоа, според нашиот соговорник, сепак, не значи оти вратата за предвремени избори е затворена. Напротив, се вршат анкети, се проверува рејтингот и се испитува расположението кај коалициските партнери, како и кај меѓународните партнери. ДУИ, барем јавно, се фали дека анкетите покажувале оти ќе добијат барем двојно повеќе гласови отколку на парламентарните избори во декември кога за нив гласаа 86.000 граѓани, што значеа десет пратеници. Но, сепак, не сакале да го валоризираат тоа бидејќи државата и нејзиниот економски раст им се најважни, така што би оставиле да дојдат редовните избори. Кога се во прашање пријателите од странство, тие сметаат дека Македонија изгуби премногу време во решавање на спорот за името и оти сега е време за исполнување на обврските околу реформите во клучните општествени процеси.

Би се нашло решение и со ДУИ и со странците ако одлучиме да одиме на избори. Во некои размислувања, премиерот смета дека не би било лошо да се почекаат редовните избори што би се одржале на крајот од идната година особено доколку економијата се придвижи, функционирањето на правото заживее, а Македонија дотогаш биде рамноправна членка на НАТО“, вели нашиот извор од СДСМ. Според него, премиерот Заев во моментов има апсолутна поддршка на сите нивоа во партијата, така што ниту пратеничката група не му создава притисок да не се оди на избори мислејќи на привилегиите што ги имаат како пратеници и евентуалното нивно изостанување од изборната листа. Ниту „независните“ пратеници немале посебни амбиции во политиката, имајќи предвид оти го добија тоа што го бараа пред да се одлучат да дигнат рака за уставните измени.

Хипотетички, доколку Заев се одлучи да одиме на избори, ги стигнуваме сите рокови, па дури и техничката влада, која, иако не следува за вонредни избори – ќе ја испочитуваме. Мандатот на претседателот Ѓорѓе Иванов истекува на 12 мај, се стигнува изборите да се организираат на крајот од април. Но, во моментов, се чини дека поблиску сме до тоа да нема избори“, брифираат од „Бихаќска“.

Не кријте се, ајде на избори

Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера им порачаа на политичките противници од СДСМ да не бегаат од одговорност и да не се кријат зад партиските одлуки.

Излезете на избори. Тоа се избори каде што ќе победи народот, каде што ќе победат ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија. Ние мораме да настојуваме и ќе настојуваме таа неправда да биде исправена. Нашата задача не е борба за гола власт, туку пред сè нашата цел е Македонија да престане да губи, што ќе почне да се случува доколку оваа власт си замине“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму во петокот побараа итно распуштање на парламентот и одржување на вонредни парламентарни избори што ќе ги организира техничка влада согласно договорот од Пржино.

Државната изборна комисија досега се изјасни дека е подготвена да ги реализира претседателските избори, кои ќе ја чинат државата околу пет милиони евра. Повеќе од половината од нив ќе се одделат за надоместоци за избирачките одбори, а останатите се за транспорт и изборен материјал. Околу 300.000 евра ќе се одвојат за сместување на избирачките одбори. Во 2014 година кога заедно се одржаа и претседателски и парламентарни избори, беа потрошени над осум милиони евра. Според официјалните податоци што ги лиферуваа властите, претседателските избори чинеа околу шест милиони евра, додека парламентарните околу два милиони евра. Претседателските избори се поскапи бидејќи се претпоставува дека ќе се одржат два изборни круга.

Горан Адамовски