СДСМ: Не се скратени средства за студентски домови

СДСМ ги негира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека со последната пренамена на средства од буџетот се скратени близу еден милион евра за реконструкција и изградба на студентски домови.

„Не е точно дека се скратени средства за реконструкција на студентски домови. Вистината е дека средствата што не можат да се реализираат до крајот на годината се пренаменуваат онаму каде што има реална потреба од нивно искористување. Залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која што 11 години ги понижуваше студентите, а студентските домови ги остави заглавени во долгови, денес да шири лажни вести и да глуми загриженост за студентите“, реагираат од СДСМ.

Од владејачката партија посочуваат дека, актуелната влада ги вратила долговите на студентските домови, направени, како што се наведува, од ВМРО-ДПМНЕ.

„Преку одговорен и домаќински пристап во работењето, Владата предводена од СДСМ ги врати долговите на студентските домови, вложува во квалитетот на образованието и работи на подобрување на ученичкиот и студентски стандард. Со ребалансот на буџетот, Министерство за образование и наука веќе предвиде нови 35 милиони денари за студентски стандард и 10 милиони денари за ученички стандард кои се наменети за ученички стипендии и школарини, а со новиот буџет за 2018 година предвидени се зголемени средства за ученички и студентски стандард“, се наведува во соопштение на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека со најновата пренамена на средства набрзина и тајно е прекроен буџетот, така што биле скратени уште 55 милиони денари за изградба на студентски домови. Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа значи дека ќе се скратат парите и за реновирање и поправка на постоечките сместувачки капацитети.