СДСМ го мерка „здравство“, ДУИ отстапува од „правда“?

Промените во Владата, за кои премиерот Зоран Заев најави одлука до крајот на оваа седмица, не е исклучено да прераснат во мини-реконструкција, односно да не завршат само со нови имиња во ресорите што ги „испразнија“ министрите што преминаа во извршната власт. Единствените официјални информации засега се дека Заев разговара за промените во Владата со коалициските партнери и дека во скоро време се очекуваат решенија во таа насока. Неофицијално, пак, не се исклучува можноста за рокади меѓу партиите во одредени ресори, особено по критиките што стигнаа од ЕУ за (не)спроведувањето на реформите. Сѐ уште нема конечна одлука дали новиот министер за здравство ќе биде од редовите на „Алијансата за Албанците“ или СДСМ ќе постави свое решение во ресорот што го напушти Арбен Таравари, новиот градоначалник на Гостивар. Вакви информации доаѓаат од раководството на СДСМ по прексиноќешната седница на централниот одбор на партијата на која лидерот Зоран Заев, како што е соопштено, информирал за политичките преговори со дел од коалициските партнери околу пополнувањето на испразнетите места во Владата.

Заев повторил пред сопартијците дека до крајот на овој месец, што би значело до четврток, би требало да се донесат одлуките за пополнување на потребните кадровски решенија за местата што се испразнија по локалните избори.

Иако „Алијансата за Албанците“ достави до Заев свој предлог за нов министер за здравство (како најсигурен кандидат се смета Вулнет Ферати – лекар од Тетово), од СДСМ велат дека и во нивните редови има претенденти за оваа функција, за што се споменуваат имиња на познати лекари (во игра е наводно Венко Филипче, советник за здравство на премиерот).

Во случај СДСМ да одлучи да ја преземе челната позиција во Министерството за здравство, тогаш оваа партија би требало да отстапи место за „Алијансата за Албанците“ во некој од другите ресори за кои партијата на Зијадин Села би покажала амбиции. Тоа, пак, би значело мини-реконструкција на владиниот кабинет, со оглед на тоа што по локалните избори на „Илинденска“ останаа празни и местата на новите градоначалници на Струга и на Чаир – Рамиз Мерко и Висар Ганиу. Станува збор за едно министерско место без ресор – за привлекување инвестиции и заменик-министерската позиција во ресорот образование.

По барањето на Брисел, Владата да работи повеќе на реформите, при што посебно се посочуваат состојбите во судството, во политички кругови се појавија информации за можно повлекување на министерот за правда од редовите на ДУИ Билен Саљији, кој речиси воопшто не беше експониран во изминатите месеци.

Саљији, вчера, во телефонски разговор, негираше дека подготвува оставка, а за негова евентуална смена од министерската позиција рече дека треба да се прашаат политичките лидери бидејќи, како што наведе, решенијата во Владата се политичка одлука.

Заев во една неодамнешна изјава не исклучи можност од мини-реконструкција на кабинетот доколку, како што рече, идниот министер за здравство не е од редовите на „Алијансата за Албанците “ која, пак, реши да остане во владејачката коалиција.

(А.М.М.)