СДСМ води кај Албанците, ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците

СДСМ е претпоставен изборен победник доколку гласањето за пратеници се реализира утре. Владејачката партија во таков случај би остварила блага предност пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ако се прогнозира врз основа на резултатите од најновата анкета што МЦМС ја спроведе за Телма.
Истражувањето е реализирано во периодот од 7 до 15 ноември и со него се опфатени 1.014 испитаници. Најголем процент од нив – 26,8 отсто се изјасниле дека би гласале за СДСМ доколку утре има избори. Со тоа, владејачката партија симболично ја зголемила предноста во однос на ВМРО-ДПМНЕ, за која сега би гласале 21,5 проценти. Трета партија е ДУИ со поддршка од 6,7 отсто, а во Алијансата за Албанците имаат доверба три проценти. Не е за потценување и процентот на испитаници кои рекле дека нема да гласаат – 21,3, додека 15,4 отсто рекле дека не знаат за кого би гласале. Во однос на поддршката од испитаниците од одредени етнички заедници, воочливо е дека ВМРО-ДПМНЕ води кај Македонците со 30,4 проценти наспроти 25,5 кои се за СДСМ. Од тоа произлегува дека главната владејачка партија ја црпи предноста на рејтинг-листите благодарение на големата поддршка од албанскиот електорат, каде што СДСМ со 27,5 проценти е во симболично водство со 0,5 процентни поени пред ДУИ.
Премиерот Зоран Заев и натаму е политичар со убедливо најголема доверба – од 21,4 отсто. Овој пат, зад него е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – со 7,4 проценти рејтинг. Во оваа анкета, Мицкоски премиерно го престигна претседателот Ѓорге Иванов, во кој најмногу доверба имаат 6,1 проценти од испитаниците, додека кај поранешниот премиер Никола Груевски се бележи пад на 2,7 проценти. Рејтингот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е 5,7 проценти, а на Зијадин Села од Алијансата – 3,8 проценти.
За разлика од резултатите во однос на рејтинзите на партиите, Заев ужива најголема доверба кај етничките Македонци – 21,2 проценти, додека рејтингот на Мицкоски е 10,8 отсто. Сепак, кај Македонците убедливо највисок е процентот на оние што немаат доверба во ниту еден политичар – над 44 проценти. Кај Албанците, пак, води Ахмети со 23 проценти, а потоа е Заев со 17 отсто. И кај оваа етничка заедница најголем е процентот на оние што немаат доверба во ниту еден политичар – 25 отсто, но тоа, сепак, е забележително помалку отколку кај Македонците. Од друга страна, поддршката за Мицкоски кај Албанците во земјава е еднаква на нула.

Кај граѓаните, според анкетата на МЦМС, нема моментно расположение за предвремени парламентарни избори. Речиси 59 отсто од испитаниците сметаат дека предвремени избори не се решение за актуелната политичка ситуација. Со таков став етничките Македонците благо предничат пред Албанците. Најмногу од испитаниците – 47 отсто сметаат дека следните парламентарни избори треба да се одржат во редовен термин, додека 25 проценти се за брзи вонредни избори за пратеници, а 16 отсто сметаат дека тие треба да се одржат заедно со претседателските.
Мнозинството испитаници – 56,5 проценти се за продолжување на спроведување на договорот со Грција, а 40,8 се против. Тука предничат Албанците, од кои 92,6 отсто се „за“, наспроти 43 отсто Македонци. Над 54 проценти од испитаниците ја поддржуваат одлуката на опозициските пратеници за поддршка на уставните измени. И во овој сегмент „водат“ Албанците, додека кај Македонците има поделено расположение.

Впечатливо, мнозинство испитаници – близу 70 проценти, се против амнестија за постигнување политичко помирување во земјава. Против тоа се дури 81 процент од поддржувачите на СДСМ, додека кај ВМРО-ДПМНЕ се бележи поделено расположение од по 47 отсто. Исто така, над 57 проценти од анкетираните не се согласуваат со амнестија за настаните на 27 април минатата година. Поголемо е противењето за евентуална амнестија за предметите што ги води СЈО – 61,7 отсто. (А.М.М.)