СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски требаше да ги поздрават добрите вести за земјава

Македонија добива покана за членство во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски требаше да ги поздрават добрите вести за земјава. Република Македонија на следниот Самит добива покана за влез во НАТО. СДСМ им честита на граѓаните. Заедно успевме да го обезбедиме местото на Македонија во НАТО. Тоа е историски успех за Македонија, за сите нејзини граѓани. Македонија е горда. Најмалку што можеше да направи ВМРО-ДПМНЕ е да ги поздрави историски добрите вести коишто стигнаа од седиштето на НАТО денеска, по заедничката прес конференција на премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг, се вели во соопштението на СДСМ.

„Граѓаните ќе ценат зошто единствено ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се радуваат на успехот на Македонија да стане 30-тата членка на НАТО. Се остварува уште една стратешка цел, столчето во НАТО е обезбедено, вратата ширум отворена. Македонија рамо до рамо со западниот демократски свет, како рамноправен партнер ќе учествува во носењето на глобалните политики, во интерес на граѓаните, нивната сигурност и безбедност. Македонското знаме е 30-тото знаме кое ќе се вее на јарболите пред седиштето на НАТО. Членството во НАТО обезбедува трајна стабилност на земјата и ќе донесе нови странски инвестиции, нови работни места и повеќе пари во економијата. Постигнатиот Договор за решавање на 25 годишниот спор со Грција ги отвори вратите на ЕУ и НАТО, обебзеди датум за преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО. Истовремено, со договорот се зајакнува и гарантира македонскиот идентитет кој никогаш повеќе нема да биде оспоруван. Македонија реди успеси после децении стоење во место. На референдум, слободно и демократки, граѓаните ќе дадат поддршка. Ќе кажат одлучно ДА за членство во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина“, стои во соопштението на СДСМ.