СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да го осуди насилството, говорот на омраза и нападите врз новинари и полицајци

СДСМ преку писмено соопштение реагира на денешната прес-конференција на Димитар Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ не го осуди вчерашното насилство пред Собранието, ниту пак спомна нешто за нападите од насобраната толпа кон новинарите, снимателите и кон полицајците коишто го одржуваа јавниот ред и мир и се обидуваа да спречат насилен упад во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ не го осуди ниту говорот на омраза, навредите и провокациите кон граѓани, кон новинари, кон различни етнички заедници. Повиците на ВМРО-ДПМНЕ се крајно лицемерни и сами по себе контрадикторни. Токму оваа партија преку нејзината реторика со години ги подгрева тензиите, создава атмосфера на конфликт, вештачки поделби и шири лажни вести. ВМРО-ДПМНЕ треба да ја напушти оваа матрица и да го осуди насилството, говорот на омраза, нападите кон полицијата и новинарите што синоќа се случуваа пред Собранието“, се вели во реакцијата на СДСМ.